Процесот за избор на нов директор на Управата, која е под надлежност на Министерството за правда, доаѓа три дена по спектакуларното бегство на 36-годишниот Беким Мемети, за кое со кривични пријави во притвор завршија тројца затворски полицајци и командир на смена во затворот „Идризово“
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека почнал процес за селекција на нов директор на Управата за извршување санкции бидејќи, како што рече, не е задоволен од работата на актуелниот, Марјан Спасовски.
Процесот за избор на нов директор на Управата, која е под надлежност на Министерството за правда, доаѓа три дена по спектакуларното бегство на 36-годишниот Беким Мемети, за кое со кривични пријави во притвор завршија тројца затворски полицајци и командир на смена во затворот „Идризово“.
Изјавата на Ковачевски, со која информира за промената на раководната позиција во Управата за извршување санкции беше дадена токму во овој контекст – одговарајќи на новинарско прашање во врска со бегството на затвореникот и дали некој од раководството на засегнатите институции ќе понесе одговорност.
„Искрено, јас не сум задоволен од работата на директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда и веќе отпочнав процес на селекција на нов директор на Управата“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања рамките на денешната прес-конференција во Владата.
Разрешувањето нема да биде на утрешната владина седница, рече Ковачевски, на дополнително новинарско прашање.
Прашан дали ќе има одговорност и за директорот на затворот „Идризово“, премиерот изјави дека таму веќе има нов директор од пред неколку месеци.
„Утре нема да се најде на владина седница промената,. Ќе се најде на некоја од наредните владини седници бидејќи ви кажав дека процесот на селекција е отпочнат. Во однос на директорот на затворот ‘Идризово’, таму има нов директор од пред неколку месеци, а промената не претходниот беше направена врз основа консултации кои што ги имав со меѓународни институции во делот на управувањето со затворски систем и на финансиски иституции кои финансираат унапредување на затворскиот систем во државата. И врз основа на тие консултации тогаш направивме промена на директорот на затворот во Идризово. Сега врз основа на неколкуте пропусти што се направени ќе имаме нов директор на Управата за извршување санкции“,
рече Ковачевски.
Марјан Спасовски беше именуван за директор на Управата за извршување санкции во ноември 2020 година. Тој претходно беше директор на затворот „Куманово“, познат и како Кшање, по истоименото село во чија близина се наоѓа, но поднесе оставка од оваа функција.
Во врска со самиот случај, премиерот изрази благодарност до Министерството за внатрешни работи, кое, како што рече, реагираше брзо и си ја заврши својата работа.
„Прво сакам да се заблагодарам на Министерството за внатрешни работи (МВР) кое што реагираше брзо и кое целиот случај го санкционираше. Значи единицата за корупција во секторот за криминалистички истраги при одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе поднесе кривична пријава против четворица затворски полицајци, командир и надзорници вработени во КПУ `Идризово`. Не би образложувал повеќе бидејќи сега е во надлежност на обвинителските органи, a тие се независни органи, така што за сè понатаму можете нив да ги прашате. Не би сакал да зборувам во нивно име, меѓутоа драго ми е што МВР ја заврши својата работа“,
рече Ковачевски.
Бегството на затвореникот Беким Мемети се случи во четвртокот пред полноќ, додека со службено возило на затворската полиција бил транспортиран од затворот „Идризово“ во Клиничкиот центар поради повреда на левата рака. Во бегството, кое било претходно планирано, беше ранет и еден од затворските чувари, на кој Мемети му го одзел пиштолот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, смета дека постои основано сомнение дека осомничените – командир на надворешно обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ сториле кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ од чл. 373 в.в чл. 22 од Кривичниот законик.
За тројца, обвинителството побара и доби мерка притвор. На четвртоосомничениот му е одземен пасошот.
По избеганиот Мемети веќе е распишана потерница. Пред себе имал долгогодишна казна затвор за убиство кое го сторил во 2016 година во Мала Речица.