Покана за лидерската, како што рече премиерот, утре ќе биде испратена до претседателите на сите парламентарни политички партии и до собранискиот спикер Талат Џафери
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва од заедничката прес-конференција со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави дека за в понеделник (4 декември) е закажана лидерска средба на која се очекува да се прецизира датумот на одржување на претседателските и парламентарните избори в година.
Покана за лидерската, како што рече Ковачевски, уште утре ќе биде испратена до претседателите на сите парламентарни политички партии и до собранискиот спикер Талат Џафери.
„Средбата ќе биде закажана за понеделник и на истата ќе разговараме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, за одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР“,
информира Ковачевски на вечерашната прес-конференција.
Вчера, премиерот изјави дека двата изборни циклуса кои ќе се одржат следната година ќе бидат во своите редовни термини и дека мај се нуди како можност за нивно одржување, но дека одлуката треба да биде донесена со широк консензус помеѓу партиите.
Неодамна, министерот за правда Кренар Лога изјави дека неофицијално, 8 мај е датумот на кој ќе се одржат претстојните парламентарни и претседателски избори. Според своите неофицијални сознанија, Лога рече дека ова ќе биде датумот за одржување на двата изборни циклуса.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период интензивно повикува на одржување заеднички претседателски и парламентарни избори во мај идната година. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, уште во октомври годинава го спомена 8 мај како едиствен датум кога може да се одржат заеднички избори во редовен термин.