„Рабинот Бејкер нагласи дека биле потребни децении за демократските држави од Западна Европа да ја признаат сопствената улога во холокаустот, а денес, оние кои ја искривуваат историјата на холокаустот, тоа го прават свесно, за политички цели“, се наведува во соопштението за средбата
Силна осуда на антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и фашизмот изразил премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со претседавачот на Американскиот еврејски конгрес, рабин Ендрју Бејкер, како и со претставникот на Еврејската заедница во Германија, Стефан Крамер, и со поранешниот амбасадор на САД во Германија, Џејмс Бинденагел.
На средбата, како што информираат од владината прес-служба, биле разменети впечатоци од одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, кое се одржа под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на холокаустот на македонските Евреи.
Нашата држава, посочил премиерот, секогаш била и ќе остане на вистинската страна на историјата.
„Република Северна Македонија, додаде премиерот Ковачевски, ќе продолжи да се спротивставува на сите различни форми на говор на омраза и нетолеранција и порача, мрачните злосторства врз Евреите од Македонија, во логорот во Треблинка никогаш да не се повторат“,
се наведува во соопштението.
Премиерот во таа насока потенцирал дека во претстојниот период, а во рамките на дебатата за уставните измени, ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Северна Македонија. Тој изразил надеж дека овој предлог ќе биде прифатен од сите политички субјекти во државата.
Рабинот Ендру Бејкер изразил благодарност на организацијата на серијата настани поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.
„Поздравувајќи ја политиката на дијалог и разбирање, која ја практикува Република Северна Македонија, рабинот Бејкер нагласи дека биле потребни децении за демократските држави од Западна Европа да ја признаат сопствената улога во холокаустот, а денес, оние кои ја искривуваат историјата на холокаустот, тоа го прават свесно, за политички цели“,
се наведува во соопштението од владината прес-служба за средбата.
Комеморативниот настан по повод 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Терблинка се одржа вчера во Националната опера и балет, а на него се обрати и Ковачевски.
На настанот свои обраќања имаа претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, амбасадорката на Израел, Симоне Франкел, како и претседавачот на американскиот еврејски конгрес – рабин Ендрју Бејкер.