Кон крајот на 2020 година, ВМРО-ДПМНЕ пресмета дека советниците на тогашниот премиер Заев ја чинат државната каса 246 илјади евра годишно, на што од СДСМ возвратија дека трошоците за советничкиот тим на Груевски биле седумкратно повисоки (1,7 милион евра годишно)
Бројот на советници што планирам јас да го имам ќе биде помал од бројот на претходните премиери, најави денеска првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски.
Тој рече дека дел од досегашните советници (што ги наследи од Зоран Заев н.з.) нема да бидат веќе на позициите, а дел од нив ќе работат на задачи за кои се квалификувани. Исто така, рече дека ќе го советуваат личности со над 20-годишно професионално искуство, кои се признаени во своите области, но не сакаше да ги открие нивните имиња и посочи дека одлуките не се се уште официјализирани.
„Во Владата има советници. Дел од нив нема да бидат повеќе, со оглед на реорганизацијата на кабинетот. Дел од нив, пак, ќе работат на линиски работи за кои се специјализирани. Бројот на советници што планирам јас да го имам ќе биде помал од бројот на претходните премиери. Тие ќе извршуваат работи во нивната професионална област. Сите се со над 20 години професионално искуство. Не можам да ги објавам со оглед на тоа што не е сè уште официјално“,
изјави Ковачевски при денешната посета на ОХИС, одговарајќи на новинарски прашања.
МИА вчера, повикувајќи се на владини извори, објави дека „ќе има нови 12 советници во Владата, професори економисти, од кои двајца Германци, чии имиња ќе бидат објавени до крајот на неделата“.
Во октомври 2020 година беше објавено дека во канцеларијата на тогашниот премиер Заев се ангажирани 54 лица, меѓу кои и и 23 советници.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш пресметаа дека вкупната сума за нето-плати за советниците на премиерот месечно е над 20 000 евра или околу 246 илјади евра годишно.
Од СДСМ, пак, возвратија дека експремиерот Никола Груевски имал 91 советник, меѓу кои и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за кои се издвојувале по 1,7 милион евра годишно.
Владата вчера објави мерки на штедење за државните и јавните институции, а и им препорача на единиците на локалната самоуправа да ги следат препораките за рационализација на трошоците.
Ковачевски изјави денеска дека уште кога се правеше буџетот за 2022 година тековните трошоци за мебел и возила беа намалени за осум отсто. Така, како што рече, набавка на мебел е предвидена само за касарните и за училишта, каде што е потребно, а на возила за инспекциски служби и каде што се неопходни.
„Со вчерашната одлука, секоја набавка на мебел и возила треба да биде одобрена од Владата. Во делот на набавките и трошоците за услуги за контрола е надлежно Министерството за финансии, додека јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост се обврзани на секои три месеци да доставуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски прашања“,
рече Ковачевски во врска со контролата над спроведувањето на антикризните мерки во државната управа и во јавниот сектор.