Како во 1903, 1944, 1991 – и денес, 2023 година, гласот на генерациите зад нас и генерациите пред нас бара континуитет во напредокот, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември
Гласникот на слободата, 8 Септември – Денот на независноста на државата, повикува на нов, заеднички, сигурен чекор напред. Заедништвото за напредок, со кое што е постигната независноста на нашата држава во 1991 година, го имаме и денес во мнозинската определба на граѓаните за европска иднина. Денес во Европа и светот постојат македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, успешна мултиетничка демократија, Европа во мало. И ова е и мора да биде нашиот мотор! Како во 1903, 1944, 1991 – и денес, 2023 година, гласот на генерациите зад нас и генерациите пред нас бара континуитет во напредокот, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија, што се одржа вечерва во салата на Филхармонија по повод Денот на независноста – 8 Септември.
Ковачевски и денеска предупреди дека ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан на нашата држава и се заканува повторна изолација.
„Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава, секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес“,
рече Ковачевски.
Премиерот, во обраќањето, посочи и на периодот кога се соочивме, како што рече, со повеќе кризи: ембарго, транзиција, воен конликт во 2001 година, режим, меѓународна изолација.
„Со мудри одлуки и заедништво успеавме да ја возобновиме демократијата во 2017 година. И ги обновивме релациите со нашите стратешки меѓународни партнери. Република Северна Македонија во 2020 година стана 30. полноправна членка на НАТО. По цели 17 години од добиениот кандидатски статус за членство во ЕУ во 2005 година, минатата година, 2022, ги отвориме и преговорите со Европската Унија. И денес ја имаме најреалната и единствена ваква можност, за брз процес на зачленување во Унијата, во следните неколку години“,
рече Ковачевски.
Ковачевски укажа и на пораките од нашите стратешки партнери, дека на Западен Балкан се гледа и како на економски потенцијал за трансатлантската заедница и ги истакна придобивките за граѓаните и бизнисот со зачленувањето во ЕУ.
На академијата, насловена „32 години независност“, присуствуваа членови на Владата, претставници на институции, на академската заедница, стопанственици, дипломатскиот кор.
Академијата почна со интонирање на државната химна и проекција на документарен материјал за државата и историски осврт за нејзиниот развој. Потоа се обратија Александар Литовски, член на Институтот за национална историја и Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на УКИМ.
Проф. д-р Искра Пановска – Димкова рече дека „сè она што сме ние денес не можеме да го гледаме одделно од повеќевековниот континуитет во развојот на македонскиот јазик и македонската нација“, како и дека „независноста на државата во поглед на македонскиот јазик, значеше само една поголема одговорност за неговиот развој, грижа и афирмација“.
„Да се има сопствена независна држава е привилегија, сон на многу народи, но и обврска и многу поголема одговорност и на државата и на нејзините граѓани“,
рече професорката Пановска – Димкова.
Александар Литовски посочи „самостојна држава ниту можеше да се создаде од ништо, ниту се создаде од ништо“, и „борбата за создавање на македонска држава е вековна“, поради што значењето на 8 Септември 1991 година, во обраќањето го поврза со големото значење на 2 август од илинденскиот и асномскиот период.
„Може да се констатира дека и покрај многубројните политички и економски проблеми во развојот, и покрај исклучително неповолните меѓународни констелации, изразени пред сè во блокадите и нападите на соседните држави, прогласувањето на Република Македонија за самостојна држава во 1991 година означува највисоко, врвно достигнување на македонската нација во процесот на нејзиниот државноправен развој и меѓународен статус“,
нагласи Литовски.
Со свечената академија стартуваа активностите што ги организира Владата по повод Денот на независноста, а утре продолжуават со културни манифестации, промоции и спортски активности.