На средбата се разговарало за проширување на Владата со нов партнер во насока на зајакнување на владејачката коалиција, а во очекување на уставните измени
Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, по средбата во Владата, биле на гости кај претседателот на ДУИ Ахмети во Зајас, јавува Алсат.
На средбата се разговарало за проширување на Владата со нов партнер во насока на зајакнување на владејачката коалиција, а во очекување на уставните измени.
Неофицијално се шпекулира дека Алијанса побарала три министерски места – за правда кое сега го раководи кадар од СДСМ, за екологија – ресор кој сега го раководи ДУИ, и министерството за информатичко општество.
На средбата во Зајас немало претставник од Алтернатива, од каде претходно негативно реагираа за можноста за влез на Алијанса во Владата.
Исто така се дознава дека Алијанса ќе добие најмалку едно заменичко место и околу 30 директори. Финалните преговори и поделбата на ресори се очекува да заврши до крајот на месецов.
Како што изјави денеска Тараври по средбата со премиерот Ковачевски во Владата, Алијанса за Албанците сè уште нема добиено понуда за влез во Владата. Кога тоа ќе го добиеме, ќе ве известиме и ќе бидеме транспарентни, рече Таравари.