Во рамки на Саемот, Ковачевски, Вучиќ и Рама го посетија и заедничкиот штанд на Агенциите за промоција и поддршка на туризмот, каде што освен нашите туристички дестинации посетителите имаат можност да видат и дел од македонскиот традиционално изработен накит од бисер и филигран, информираат од прес-центарот на Владата
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги посети штандовите на македонските компании производители на вино и храна во рамки на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој во следните четири дена се одржува во Белград.
На штандовите со македонски производи, компаниите го информираа Ковачевски за своите производи, технологии на производство, состојбата со пласманот и извозот, а посочија дека овој саем ќе им овозможи проширување на деловната соработка, поголем пласман и извоз на производите, што позитивно ќе влијае врз вкупната економија.
Од прес-центарот на Владата информираат дека Ковачевски заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно со своите државни делегации ги посетија штандовите на производителите на вино, запознавајќи се со долгата традиција на производство на грозје и вино, претставени преку врвните вина на трите држави.
Покрај винарските визби, лидерите ги посетија штандовите за производство на ракија, каде што изложувачите ги преставуваат своите технологии, традиција и брендови на ракија.
„Северна Македонија на Саемот се преставува со вкупно 42 винарии и 3 дестилерии кои пред посетителите додека трае Саемот ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии“,
информираат од Владата.
Саемот „Винска Визија на Отворен Балкан“ покрај промоција на храна и вино, е можност за промоција на националните богатства и туристички дестинации на Северна Македонија преставени преку посебен штанд на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Во рамки на Саемот, Ковачевски, Вучиќ и Рама го посетија и заедничкиот штанд на Агенциите за промоција и поддршка на туризмот, каде што освен нашите туристички дестинации посетителите имаат можност да видат и дел од македонскиот традиционално изработен накит од бисер и филигран.
Од Владата информираат оти на саемот особен фокус е ставен на македонскиот туризам базиран на вино и храна, националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.