Не претерувам кога велам дека ова е саем на високо европско ниво. Се гледа дека е поубаво кога сме заедно, кога сме поблиски со луѓето, да видиме што ни е заедничко, наместо како порано да си го вртиме грбот едни на други, без да знаеме ништо едни за други, со многу конфликти, рече премиерот на Албанија, Еди Рама
Оваа наша идеја отсекогаш имаше и многу противници, наоѓаа забелешки, бараа влакно во јајцето, поради разни политички причини не им се допаѓаа. Но не можете да победите нешто што е добро и природно, истакна претседателот на Србија, Александар Вучиќ
На Белградскиот саем попладнево беше отворен Саемот на храна, вино и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, на кој учествуваат преку 330 учесници од 22 земји, од кои 160 се изложувачи од Србија, 26 од Албанија и 47 од Северна Македонија. Покрај од државите членки на Отворен Балкан, има и изложувачи од Хрватска, БиХ, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка, а купувачите се од ЕУ, САД, Кина и од источните земји.
Во обраќањето на отворањето на Саемот, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека, иако како организатори се наведени владите на Србија, Албанија и Северна Македонија, сепак, зад она што е претставено стојат огромен број луѓе кои вложиле труд и енергија и чии имиња некому значат нешто, а некому не, но тие деноноќно работеле за да изгледа ова вака величествено.
„Нешто сосема лично пред саемот да го прогласам за отворен: Оваа наша идеја отсекогаш имаше и многу противници, наоѓаа забелешки, бараа влакно во јајцето, поради разни политички причини не им се допаѓаа. Но не можете да победите нешто што е добро и природно. Отворен Балкан не носи ништо лошо, туку на нашите земји им носи добро. Затоа ќе продолжиме, за да го направиме Отворен Балкан понапреден и посилен за сите“,
рече Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека се одлучил денеска да се обрати без да го чита подготвениот говор бидејќи, како што рече, во него се споменува дека предничи во производство на вино пред другите, што според него не е во духот на гледање кон иднината.
„Изгубивме многу време да си докажеме кој бил прв во нешто. Но сите научивме едно – никој не си оди од овде. Нашите држави ќе бидат тука и по нас. Со векови по нас. Изборот ни е едноставен – како да останеме тука, заедно, во истото европско соседство и да го направиме ова соседство попријатно и помирно за живот. Или може да фрламе камења едни на други и да кажуваме работи како што правевме со години и векови. Не претерувам кога велам дека ова е саем на високо европско ниво. Се гледа дека е поубаво кога сме заедно, кога сме поблиски со луѓето, да видиме што ни е заедничко, наместо како порано да си го вртиме грбот едни на други, без да знаеме ништо едни за други, со многу конфликти. Ова соседство веќе да не трпи од духовите на минатото“,
рече Рама.
Премиерот Димитар Ковачевски, исто така, говореше за суштината на Отворен Балкан, за што многумина прашуваат дали е политичка организација. Тоа е пред сè економска, а тоа го потврдуваме и денес, рече тој.
„Отворен Балкан денес покажува што значи интеграција, практична примена на политика на отворени врати и добрососедство. За прв пат на еден меѓународен саем на храна, вино и туризам, од С Македонија има 42 винарници и три дестилерии, со над 300 вина и ракии и над 10 производители на храна. Дали е можно да се направи ваков саем во С Македонија, Албанија и Србија. Не е, затоа што олкав број на излагачи е многу скапо. Затоа го направиме заедно и него ќе го посетат стотици илјади луѓе“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека ова шанса за стопанствениците за контакти на меѓународно ниво и дека ова е прв ваков саем кој ќе прерасне во традиција, бидејќи се вкрстени винските патишта на Балканот.
„Оваа иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија, којашто почна како визија за регионална соработка, на нашиот пат кон Европската унија, денес е и нашата сериозна можност за заедничко справување со сите предизвици. Затоа, ја употребуваме секоја можност за поврзување, како прозорец кон осигурување на нашите перспективи“,
рече тој.
На отворањето беше промовирано вино направено од три локални сорти од Албанија, С Македонија и Србија, во чест на „Винската визија на Отворен Балкан“.