Во делегацијата на Република Северна Македонија ќе бидат вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот Бујар Османи, а во делегацијата на ЕУ ќе учествуваат и комесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји и претставници на земјите членки на Европската Унија и на европските институции
Премиерот Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, ќе претседаваат со 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што в петок, на 17, ќе се одржи во Скопје. Оваа одлука ја усвои Владата на денешната седница.
На седницата е усвоена и Платформа за настап на делегацијата на државава на состанокот.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) што стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на државава во Европската Унија.
„Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со овогодинешнот состанок, што е предвидено да се одржи неделава, на 17 март (петок) 2023 година, ќе претседава Република Северна Македонија, односно премиерот Димитар Ковачевски, а копретседавач од страна на Европоската Унија ќе биде високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел“,
информираат од владината прес-служба.
Во делегацијата на Република Северна Македонија ќе бидат и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во делегацијата на ЕУ ќе учествуваат и комесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји и претставници на земјите членки на Европската Унија и на европските институции.