На лидерската средба што се одржа во декември сите лидери на политички партии се сложија за потребата од носење уставни измени, освен еден кој молчеше и двајца кои не дојдоа. Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба, со оглед на тоа дека ставовите се веќе познати, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски го одби лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој го повика на лидерска средба или на дуел на кој ќе разговараат околу предлогот што го понуди неговата партија, односно Преамбулата на македонскиот Устав да биде по моделот на Република Хрватска. Според Ковачевски нема потреба од одржување на лидерска средба затоа што ставовите на партиите се веќе познати.
„Лидерска средба имавме во декември, на моја иницијатива, на која беа повикани сите лидери на парламентарните политички партии, на која разговаравме за најважните прашања, кои стратегиски за државата. Едно од важните прашања на таа средба беше усогласувањето во однос на потребата за уставни измени со цел продолжување на европските интеграции на државата, а согласно со усвоената преговарачка рамка од страна на Собранието со мнозинство гласови. На таа лидерска средба сите лидери на политички партии се сложија за потребата од носење на уставни измени, освен еден кој молчеше и двајца кои не дојдоа. Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба со оглед на тоа дека веќе ставовите се познати“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање по прес конференцијата со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ.
Според Ковачевски, лидерската средба не е институционален формат на носење конкретни решенија, туку тоа е формат на кој секој ги кажува своите политички ставови во однос на одредено прашање и тие ставови, како што рече Ковачевски, ние како политичари и претседатели на партии ги слушнавме.
За втората понуда на Мицкоски, за дебата, Ковачевски исто така ја одби.
„Дебата за уставни измени не се води на телевизија, не се води кога се пуштаат градежни работи на канализациски цевки во одредени општини. Дебата за уставни измени се води во експертска работна група каде секоја политичка партија делегира свои претставници и каде врз основа на уставно право и врз основа на она што е пропишано се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа“,
додаде Ковачевски.
Потоа, како што рече тој, процесот се сели на јавна расправа во општеството и влегува во собраниска процедура каде што, јас верувам дека ние имаме и демократски и визионерски и стратегиски капацитет како држава да ги спроведеме овие одлуки и да ги отвориме кластерите, по успешно завршување на скрининг фазата од преговорите која е во тек и за која сите од Брисел информираат дека се одвива со најдобар ритам и на најдобар начин, и дека до 2030 година С Македонија ќе стане членка на ЕУ.
„Тоа е начинот и процесот на кој се носат уставни измени во држава како што е С Македонија, држава членка на НАТО, држава која има отворено преговори со ЕУ“,
нагласи премиерот Ковачевски.
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека доколку биде побарано тој е подготвен да се соочи на дуел или на лидерска средба со премиерот Димитар Ковачевски за да го објасни предлогот што го понуди неговата партија, односно Преамбулата на македонскиот Устав да биде по моделот на Република Хрватска.
Мицкоски уште еднаш ја повика власта да се одважи и да го прифати консензусот за хрватскиот модел кој, како што додаде, самата го посочуваше. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ стои на располагање на власта по однос на ова прашање кое, како што рече, може да се искомуницира на лидерска средба.