Мицкоски потсетува на седницата на Владата во март 2021 година на која, според него, премиерот Димитар Ковачевски, во својство на заменик-министер за финансии, гласал за предложената листа за промена на имиња на улици, меѓу кои и преименуваната улица во Чаир
фото: „360 степени“/архива
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реши да одговори на прозивките на владејачкиот СДСМ за случувањата во Скопје и во Тетово со посетата на косовскиот премиер Албин Курти.
Мицкоски во објава на Фејсбук потсети на седницата на Владата во март 2021 година на која, според него, премиерот Димитар Ковачевски, во својство на заменик-министер за финансии, гласал за предложената листа за промена на имиња на улици, меѓу кои и преименуваната улица во Чаир.
„Владата на ДУИ и СДСМ на две седници ја разгледува листата за имиња на улици, плоштади… доставена од Град Скопје под водство на СДСМ. На 50. седница, одржана на 02.03.2021 година, дава согласност. Точка 9 од записникот… ИНТЕРЕСНО: Димитар Ковачевски е присутен на таа седница како заменик-министер на МФ, Фатмир Бесими е отсутен (значи дека Ковачевски гласал). На 51. седница, одржана на 09.03.2021, дава целосна согласност на листата од Град Скопје. Точка 105 од записникот“,
вели Мицкоски.
Шупливи ви се тезите, вели Мицкоски и обвинува дека СДСМ глуми патриотизам и дека нема предавство зад кое не стои нивен потпис, а народот тоа го знае.
Инаку, вчера кабинетот на премиерот Ковачевски информира дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот откако во петокот вечерта на плоштадот во Тетово, по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти, градоначалникот Билал Касами организираше голема манифестација на која се вееја знаме со карта на „голема Албанија“ и голем број албански знамиња.
Кабинетот на премиерот Ковачевски посочи и дека не се согласува со преименувањето на улицата во Општина Чаир која го носи името на херојската „Втора македонска бригада“ иако, како што соопштија, локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината.