Во однос на Владата, Ковачевски вели дека ќе течат разговори на ниво на коалицијата, на ниво на учесниците во Владата и сите детали ќе се дознаат навреме, односно до 25 јануари

Средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се случи идната година, пред или по празниците, вели премиерот Димитар Ковачевски. Тој додава дека сите детали околу разговорите за техничката влада ќе бидат соопштени навреме.
„Средбата дефинитивно ќе биде идната година, ќе видиме, по или пред празниците. Она што го видовме сите од медиумите е дека после 31 декември ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава во однос на тоа кои ќе бидат нивните претставници во техничката влада. Во однос на Владата ќе течат разговори на ниво на коалицијата, на ниво на учесниците во Владата и сите детали ќе се дознаат навремено, односно до 25 јануари“,
рече Ковачевски на денешното официјално отворање на спортската сала „Наум Наумовски-Борче” во Општина Карпош.
Во однос на кандидатите за техничката влада, Ковачевски рече дека СДСМ во текот на оваа недела ги имаат завршено комплетно сите процедури.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ковачевски истакна дека вицепремиерското место на Артан Груби не го смета „за толку многу значајно за да биде толку експонирано“. Вели дека „тој е само еден од вицепремиерите“.
Премиерот Димитар Ковачевски, пред два дена, ги повика сите политички партии, согласно Законот за Владата и Изборниот законик, да ги исполнат своите обврски за учество во техничката влада, за да, како што вели, не се остава никаква дамка на изборниот процес.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оваа недела порача дека стои на располагање доколку Ковачевски го повика на јавна средба за усогласување во врска со техничката влада. За тоа дали средбата би се одржала пред одлуката за тоа кои би биле технички министри, Мицкоски вели дека тоа зависи од организаторот на средбата, односно од премиерот, оградувајќи се дека одлуката за учество на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е негов личен став и нагласувајќи оти допрва партиските тела треба да одлучуваат за тоа.