Со законот се предлага, освен измена на условите за добивање државјанство, јавно да биде објавен регистарот на сите лица што имаат бугарски пасош, како и отфрлање на можноста роднина во нагорна линија со бугарско потекло, кој починал како бугарски државјанин, да се користи како услов при поднесување барање за бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло
Со најновите измени во предлог-законот за бугарско државјанство, кои се изгласани во прво читање од пратениците во бугарскиот парламент, се предвидува јавно објавување на регистарот на сите лица во Северна Македонија кои имаат бугарски пасош, објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
Ковачев, на својот фејсбук-профил, ја поздрави одлуката на сите бугарските парламентарци и додава дека со ова неговата битка која ја водел 10 години конечно ќе стане реалност.
„Честитки за сите 180 пратеници кои гласаа за прво читање на измените на Законот за бугарско државјанство. Мојата лична битка од повеќе од 10 години конечно ќе стане реалност. Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена, а регистарот на сите што добиле бугарско државјанство ќе биде јавен. Со најновата промена, јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои во последните 22 години се стекнале со бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло. Така, овие над 120 000 македонски Бугари, меѓу кои има многу поранешни и сегашни политичари, заменици, министри, градоначалници, шефови на служби, партиски шефови, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминација од македонските институции затоа што се чувствуваат како Бугари. Тие што се ’присилени’ јавно да се прикажуваат како бугаромразци, само за да го кријат своето бугарско потекло и самосвест, нема да имаат повеќе причина да го прават тоа. Очекувам брзо усвојување и на второто читање на измените на законот“,
пишува Ковачев во објавата.
Предлог-измените на Законот за бугарско државјанство на 10 мај годинава, се поднесени од Костадин Костадинов од партијата „Преродба“ и Николај Алгафари и Радомир Чолаков од коалицијата ГЕРБ-СДС.
Во законот, како што објавуваат дел од бугарските медиуми, се предлага да се отфрли роднина во нагорна линија со бугарско потекло, кој починал како бугарски државјанин, да се користи како услов при поднесување барање за бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло.
Друга новина е што оние што доброволно се откажале од бугарското државјанство, да немаат право да го вратат. Како друг услов што се предлага да се воведе за добивање на државјанството е услов за неосудуваност на кандидатот за бугарско државјанство не само во Република Бугарија, туку и во земјата на потекло, односно во земјата на живеење.
Странците кои стапуваат во брак со бугарски државјанин можат да бараат бугарско државјанство само по три години од склучувањето на бракот, но доколку има докази дека бракот е фиктивен треба да се одземе бугарското државјанство.
Друг услов што се предлага во законот е задолжително познавање на бугарскиот јазик.