Костовски вели дека го прифатил предизвикот на Арсовска и дека уште утре на седница на Советот на Општина Бутел ќе се покрене иницијатива за поништување на планот С 16 и вториот план ССИ 06 Блок 7, според кој е предвидена изградба не четири згради, а која, како што рече, била предвидена од неговиот претходник
Прашан дали го поддржал планот со кој се предвидува изградба на спорниот булевар додека бил советник во Општината, која тогаш ја предводел неговиот претходник Петре Латиновски, Костовски вели дека не го поддржал
Откако скопската градоначалничка Данела Арсовска во саботата уште еднаш повтори дека нема намера да отстапи од изградбата на булеварот „Боца Иванова“ во Бутел, чија изградба, како што рече, е предвидена уште во Генералниот урбанистички план за Скопје од 2002 година, градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, ѝ порача дека не е важно колку е еден план стар, туку зошто останал нереализиран толку долго време.
„Не е важно дали еден план е стар 10, 20, 30, 50 или 100 години – тоа е најмалку важно. Треба да се запрашаш зошто 20 години некој не го реализирал ова овој дел од планот. Дали си ти најталентирана сега да го спроведеш ова? Зошто не се распраша повторно иако пред изборите го направи тоа, но го заборави“,
изјави денеска на прес-конференција првиот човек на Бутел обраќајќи ѝ се на скопската градоначалничка.
На прес-конференцијата во саботата, Арсовска рече и дека ќе го држи за збор Костовски кој претходно најави дека во најбрз можен рок во општинскиот Совет ќе го актуализира прашањето за поништување на маркиците за неколкуте згради кое го покренаа бутелчани покрај прашањето за изградба на булеварот „Боца Иванова“.
Костовски вели дека го прифатил предизвикот на Арсовска и дека уште утре на седница на Советот на Општина Бутел ќе се покрене иницијатива за поништување на планот С 16 и вториот план ССИ 06 Блок 7, според кој е предвидена изградба не четири згради, а која, како што рече, била предвидена од неговиот претходник.
Прашан дали го поддржал планот со кој се предвидува изградба на спорниот булевар додека бил советник во Општината, која тогаш ја предводел неговиот претходник Петре Латиновски, Костовски вели дека не го поддржал.
„Покојниот градоначалник Петре Латиновски имаше еден проблем со мене, а тоа беше овој план тука. Јас имав голем проблем со него по однос на овој план и тоа жителите овде го знаат многу добро. Не го гласав овој план и тоа може да се види во документите на Општина Бутел дека неколку пати беше тоа одложувано на лично моја иницијатива. Тогаш влегов во еден политички проблем со кој сега веќе покојниот градоначалник, па и тогаш на изборите во 2017 година тој одработуваше заедно со мојот противник токму поради тој проблем“,
вели Костовски.
Костовски потенцира дека Арсовска во предизборната кампања во 2021 година им ветувала на жителите од овој дел од Општината дека нема да се гради ниту булеварот „Боца Иванова“ ниту, пак, зградите кои се спорни за бутелчани.
„Дали некој ја притиска градоначалничката за да се реализира планот со зградите не знам, а како што велеше таа ‘рачињата во медот’ – сега ние ја фативме во медот“,
рече градоначалникот на Бутел кој со неговото тврдење алудира дека Арсовска не сака да ја помести постојната улица за да може да се реализира планот со изградба на нови згради.
Како прифатливо решение за овој проблем, според Костовски, е дислоцирање на трасата и тоа, како што рече, треба да се направи во соработка со Градот Скопје.