Министерката за култура наведе дека туризмот е голем пријател на економијата и на локалното население, но, како што потенцира, не смееме да дозволиме, барем не онака како што добар дел од луѓето го разбираат и го практикуваат, да биде закана за културното и за природното наследство
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ја изрази својата загриженост што и покрај преземените активности сè уште нема задоволителен интензитет во справувањето со причините и причинителите кои го загрозуваат Охридскиот Регион, впишан во листата на УНЕСКО како реткост од светско значење.

Костадиновска-Стојчевска ова го посочи на меѓународниот форум ,,50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни стандарди во национален контекст“ во „Јуроп хаус“
Министерката истакна дека Охридскиот Регион, но и целата земја располагаат со многу признаени, видливи за светот добра и убавини.
Во тој контекст таа наведе дека на Тентативната листа на УНЕСКО се впишани пештерата Слатински извор, Марковите кули, локалитетот Кокино и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.
„За жал, како министерка за култура и како претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, должна сум да ја пренесам загриженоста дека засега тешко ја добиваме битката со несовесноста и алчноста на поединци, како и на крадците и вандалите кои ги уништуваат спомениците, и дивите копачи кои ги сквернават локалитетите. Ако секој локалитет претставува неотуѓив дел од светот, тогаш, навистина, и секој загрозен локалитет претставува загуба за сите“,
нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура наведе дека туризмот е голем пријател на економијата и на локалното население, но, како што потенцира, не смееме да дозволиме, барем не онака како што добар дел од луѓето го разбираат и го практикуваат, да биде закана за културното и за природното наследство.
Според Костадиновска-Стојчевска спасот од ваквата ситуација е во домашната казнена политика и во нејзината бескомпромисна и доследна примена.
„Особено не за Охрид и за Струга, и не за Галичица и за Дебрца. Во отсуство на свест и совест дека и овие богатства се нашиот идентитет и дека културното наследство нè легитимира во европски и во светски контекст, мојот поглед е вперен во домашната казнена политика како спас и во нејзината бескомпромисна и доследна примена“,
нагласи министерката за култура.
Таа посочи дека охрабрувачка и за поздравување е веста, дека пред неколку дена со Република Албанија го потпишавме договорот за враќање на 20 исклучително вредни икони, прогласени за национално богатство, кои беа украдени од македонските цркви и манастири.
За овој убав епилог, како што додаде министерката за култура, огромна улога имаа и одредбите од Конвенцијата на УНЕСКО „за начинот на забрана и спречување на нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра“, чии потписнички сме и ние и Албанија.
„Во името на Министерството за култура, со задоволство сакам да ја нагласам нашата соработка со организацијата ИКОМОС Македонија, која е организатор на овој форум, и која ја ужива нашата поддршка. Нам ни е неопходна нејзината експертска помош особено сега кога, под налетот на новото време, љубопитноста, која ѝ прилега на младоста, е насочена кон други вредности и други професии. И тука ја гледам полезноста од соработката со ИКОМОС Македонија зашто иднината на нашето заедничко наследство ќе зависи и од ангажираноста на младите кои, природно, наскоро ќе го преземат лидерството и ќе донесуваат одлуки“,
подвлече министерката за култура.