Сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања, напиша на Фејсбук министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, откако претходно изјави дека Протоколот потпишан со Бугарија не е пречка за домашното творештво, но, истовремено посочи да се твори во духот на она што ќе го расположи народот
Остри реакции во јавноста предизвика изјавата на министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, која за „Гласот на Америка на македонски јазик“ кажа дека по потпишаниот Протокол со Бугарија ќе нема препреки за домашното творештво, но, истовремено посочи и да се твори во духот на она што ќе го расположи народот. Нејзината изјава беше во склоп на видeo прилог на Гласот на Америка, во кој домашните автори изјавуваат оти стравуваат од цензура. Изјавата на министерката во продолжение ја пренесуваме во целост.
„Министерството за култура нема да ја има улогата на полицаец и толку будно да демне кој што ќе направи. Слободата на уметникот е голема и тој има право да се изрази, никој нема право тоа да го ограничи во ниту еден момент. Слободно сите нека творат, но да се твори во духот на она што ќе го расположи народот и публиката, а не што народот повторно ќе го врати назад во едни мрачни времиња, кадешто навистина не видовме ништо добро. Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет, какви сме ние како Македонци, би требало да ја има поддршката. Но, сепак, мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нас да ни биде затвор, треба да ни биде лекција“,
кажа Костадиновска – Стојчевска за Гласот на Америка.
По реакциите во јавноста дека всушност и оваа изјава е цензура, министерката се дообјасни преку Фејсбук.
„Цензурата е одлик на минати општества или минати власти и неа не и е местото во 21 век, во земја кандидат за полноправно членство во ЕУ. Цензурата е феномен кој се коси со демократијата и слободата на говор во која денес и тоа како уживаме! Токму затоа, мојата изјава започнува со зборовите ‘Слободно нека творат!’.
Како министерка, се додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура. Исто така, сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања.
Доколку изјавата која денес е цел на ‘слободни’ толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е. Намерата апсолутно не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување. И за крај, би сакала да повторам: Слободата на уметникот е огромна. Таа е неприкосновена. Таа слобода НИКОЈ не може да ја ограничи. И тука, никој не треба да има дилеми“,
напиша ресорната министерка.