Ако се утврди неправилност, грешката ќе ја признам и парите веднаш ќе бидат рефундирани. Ако не, ВМРО-фалсификаторска ќе добие тужба и уште еднаш ќе биде потврдена како дезинформатор и манипулатор на македонскиот народ, вели ексминистерката
Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, да одбере време и медиум на кој ќе може двајцата да „ја чешлаат“ копијата од службената картичка за да се види дали имало несоодветно трошење.
Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција ги отфрли како лаги и манипулации обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ со обелоденување на скандалот „Бисера Антоанета“ (алузија на француската кралица од 18 век, Марија Антоанета) и кои најавија дека низ серија прес-конференции ќе презентираат во каков раскош живеела и министерувала таа.
Според Костадиновска-Стојчевска, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потреба да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службено патување на кое авиокомпанијата и го има изгубено багажот.
„И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Другиот дел е тешка манипулација и целосна невистина“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Ексминистерката рече дека стои на располагање заедно со пратеникот Лефков да прегледуваат трошок по трошок на кој сака медиум и нагласи дека сите трошења за нејзините потреби биле реализирани исклучиво од приватна сметка. Од службената картичка, ексминистерката вели дека биле плаќани трошоци што биле нужни за службеното патување и тоа исклучиво согласно актуелните правилници и норми.
„Ако има криминал во моето работење нека повелат да ми го симнат имунитетот, имаат можност за тоа, и ќе се појавам пред кој сакаат судија! Ако се утврди неправилност, грешката ќе ја признам и парите веднаш ќе бидат рефундирани. Ако не, ВМРО-фалсификаторска ќе добие тужба и уште еднаш ќе биде потврдена како дезинформатор и манипулатор на македонскиот народ“,
додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ немаат начин како да ја оцрнат и оти не им се допаднал извештајот од Државниот завод за ревизија за нејзиното работење.
„Не им се допадна што никој не може да го ’стигне’ трошењето на Бети, па нејзините две другарки денови поминале на Гугл да наоѓаат места низ светот и да фалсификуваат сметки. Дали ова е страв од тоа што предметот за нивната омилена министерка уште не е затворен, па ги фатило паника кога пред неколку дена добиле барање од ОЈО да ги предадат извештаите од нејзините три службени картички? Дали им е страв дека ќе се види таму вистинскиот шопинг од 30 илјади евра во Италија?“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на вчера изнесе тврдења за трошоците што ексминистерката за култура ги направила за време на четиридневниот службен престој во главниот град на Велика Британија, Лондон. Според Лефков, за четири дена во Лондон, Костадиновска-Стојчевска потрошила 714 фунти од службената картичка или 51 169 денари.
Пратеникот во детали наведе за што, во кои продавници и колку службени средства потрошила ексминистерката за купување од фудбалска топка, кадифено мече „падингтон“, куфери „самсонајт”, до чорапи, хулахопки и подароци од „Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter“.
По прес-конференцијата на Лефков, веднаш со реакција се огласи Костадиновска-Стојчевска која на својот фејсбук-профил објави дел од извод на банкарска сметка.