„За да ја сокријат неспособноста на нивната влада и досегашните злоупотреби на службената положба на нивните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ на многу низок начин, со фабрикување лаги, се обидува преку поранешни функционери на СДСМ да избегне одговори и одговорност во своите редови“, напиша на Фејсбук, Костадиновска-Стојчевска
Додека народот чека ВМРО-ДПМНЕ да почне нешто да работи како власт и да ги исполни изборните ветувања, тие снимаат прес-конференции на кои со драматично изнесување лаги сакаат да ја дефокусираат јавноста од нивните скандали кои ја тресат актуелната власт.
Ова е дел од реакцијата на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.
„За да ја сокријат неспособноста на нивната влада и досегашните злоупотреби на службената положба на нивните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ на многу низок начин, со фабрикување лаги се обидува преку поранешни функционери на СДСМ да избегне одговори и одговорност во своите редови“,
напиша таа во објава на Фејсбук.
Костадиновска-Стојчевска повика доколку ВМРО-ДПМНЕ има било каква индиција за криминал односно криминално работење од нејзина страна во Министерството за култура, да поведат постапка пред надлежните инстанци.
„Бидејќи нема, затоа ВМРО-ДПМНЕ се реши на прес конференции да лови во матно каде нема ниту едно прекршување на законите и со ширење на невистини. Објавувам еден од доказите дека не сум користела буџетски средства ниту службена картичка за купените куфери. Министерот Љутков и неговиот тим, близок до нивна поранешна министерка позната по купување на брендирани чевли, ташни и фустани, нека се занимаваат со македонската култура наместо да губат време на гуглање на продавници од каде сум купувала за правење драми пред јавноста“,
вели Костадиновска-Стојчевска.
Во прилог на реакцијата, таа на Фејсбук објави дел од извод на банкарска сметка.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција рече дека почнуваат со обелоденување на скандалот „Бисера Антоанета“ (алузија на француската кралица од 18 век, Марија Антоанета) и дека низ серија прес-конференции ќе презентираат во каков раскош живеела и министерувала Костадиновска-Стојчевска.
Лефков изнесе тврдења за трошоците што ексминистерката за култура ги направила за време на четиридневниот службен престој во главниот град на Велика Британија, Лондон. Според Лефков, за четири дена во Лондон, Костадиновска-Стојчевска потрошила 714 фунти од службената картичка или 51 169 денари.
Пратеникот во детали наведе за што, во кои продавници и колку службени средства потрошила ексминистерката за купување од фудбалска топка, кадифено мече „падингтон“, куфери „самсонајт”, до чорапи, хулахопки и подароци од „Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter“.