Доколку има објекти кои поради невремето претрпеле посериозни штети, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов најави дека ќе се разгледа можноста за формирање на Комисија за проценка на штетите. Во меѓувреме, како што истакна, сите надлежни служби се на терен и се работи на расчистување на урнати дрвја во градот и населени места, како и на санирање на одредени точки од каде се излева водата
По вчерашното невреме кое ја зафати земјава, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов денеска изјави дека вчерашните временски непогоди не предизвикале поголеми материјални штети во градот, но дека во текот на денот ќе има дополнителни информации за неколку критични точки.
Доколку има штети, Костадинов најави дека Општината е подготвена да излезе во пресрет и да помогне таму каде што е потребно.
Сите надлежни служби, како што додаде Костадинов, се на терен и се работи на расчистување на урнати дрвја во градот и населени места, како и на санирање на одредени точки од каде се излева водата.
„Се работи на расчистување на наносите од зема на регионалниот пат Струмица-Банско, кој поминува низ селото Куклиш. Исто така, имаше поплавување во неколку населени места предизвикано од неисчистени одводни канали и затворени канали покрај улици и патишта. Ние ќе излеземе и ќе ги исчистиме, но, апелирам до граѓаните да не ги покриваат и затрупуваат каналите со земја, бидејќи треба само еднаш да ни се случи таков пороен дожд како вчера и да имаме поплава“,
изјави Костадинов.
Доколку има објекти кои поради невремето претрпеле посериозни штети, Костадинов најави дека ќе се разгледа можноста за формирање на Комисија за проценка на штетите.
Според информации на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во Струмица и Ѓуриште наврнало најмногу дожд во вчерашното невреме, односно 43 литри на квадратен метар.
Инаку, од вчерашното невреме кое го зафати Струмичко во попладневните часови беа поплавени повеќе делови во долниот град на градот околу улицата „Младинска“, како и повеќе подруми, а силниот ветер урна и неколку дрвја.