Во заедничкото соопштението се наведува дека Османи и Курти порачале дека институциите на Косово остануваат посветени на мирот, стабилноста и гарантирањето безбедна средина за сите граѓани на земјата
Претседателката на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти во четврток во Париз разговараа со францускиот претседател, Емануел Макрон за дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.

Османи ја повторила целосната посветеност на косовските институции на процесот на дијалог заснован на зачувување на суверенитетот, уставниот поредок, територијалниот интегритет и функционалноста на Косово.
Во заедничката изјава на претседателката и премиерот на Косово, се наведува дека тие навеле дека француско-германскиот предлог за решавање на спорот меѓу Србија и Косово „служи како добра основа за натамошни разговори“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
На средбата станало збор и за неодамнешните настани на северот на Косово откако претставниците на Србите ги напуштија косовските институции. Ова се случи поради одлуката на Приштина за пререгистрација на автомобилите со таблички издадени од Србија.
Во соопштението се наведува дека Османи и Курти порачале дека институциите на Косово остануваат посветени на мирот, стабилноста и гарантирањето безбедна средина за сите граѓани на земјата.
Honored to be welcomed to the Élysée Palace by President @EmmanuelMacron alongside PM @albinkurti to discuss our relations, recent developments & ??'s Euro-Atlantic path.
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) November 10, 2022
Expressed our commitment to peace and stability, and to dialogue with Serbia centered on mutual recognition. pic.twitter.com/ujDY5X07p7
„Претседателот Османи и премиерот Курти ги споменаа дестабилизирачките тенденции на Србија, преку зајакнувањето на нејзините нелегални структури на Косово, заплашувањето на српските граѓани и поттикнувањето на криминални групи да го нарушат редот и законот на северот“,
се вели во соопштението.
Претседателот и премиерот на Косово побарале продолжување на поддршката на Франција за членството на Косово во Советот на Европа, потоа во програмата на НАТО – Партнерство за мир, како и барањето на Косово за членство во ЕУ и други меѓународни организации.
Тие, исто така, ја потврдиле и важноста од завршување на процесот на визна либерализација за косовските граѓани за време на чешкото претседателство со Советот на ЕУ.
Највисоките државни претставници на Србија и на Косово отпатуваа во Франција поради кризата на северот на Косово, каде припадниците на српската заедница ги напуштија косовските институции, откако беше суспендиран директорот на полицијата за северниот регион Ненад Ѓуриќ, кој одби да ја спроведе одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на автомобилите издадени од Србија.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ по состанокот со францускиот претседател, Емануел Макрон изјави дека имале добра средба, но оти не е оптимист кога станува збор за Приштина.
Како што истакна Вучиќ со Макрон било разговарано и за враќање на Србите во косовските институции, но, додаде, дека тие нема да се вратат додека не се исполнат условите поставени од нив, односно повлекување на одлуката на Приштина за регистарските таблички и формирање на Заедница на српските општини.
Шефот на европската дипломатија и безбедносна политика Жозеп Борел во петок во Париз ќе има одвоени средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, потврди денеска претставникот на Европската Унија (ЕУ) Петер Стано.