Во Косово последните денови е забележан значителен пад на бројот на заболени и починати од ковид-19. Од друга страна, проблем во справувањето на косовските власти со пандемијата останува ниската бројка на обезбедени вакцини и на вакцинирани лица
Во Косово од денеска стапуваат во сила нови олеснети мерки за заштита од ковид-19. Се укинува полицискиот час, кој важеше од 23 до 5 часот, а исто така се укинува и обврската за носење маски на отворено доколку лицето се движи само.
Исто така, угостителските објекти ќе работат до 23 часот наместо до 22 часот како што беше досега.
„Според извештајот на Институтот за јавно здравство на Косово, епидемиолошката ситуација во Косово се прикажува како стабилна, со продолжување на падот на позитивни случаи. Главни мерки се следните: се укинува ограничувањето на движењето, меѓутоа од полноќ до 5 часот не се дозволува собирање лица во внатрешни и надворешни амбиенти; се продолжува работното време на угостителството до 23 часот; се укинува обврската за носење маски на граѓаните додека се движат сами во надворешни амбиенти“,
пишува во владината одлука, јави дописникот на МИА.
Во Косово последните денови е забележан значителен пад на бројот на заболени и починати од ковид-19. Во последните неколку недели од две до три илјади извршени тестирања дневно позитивни се десетина до неколку десетици лица. Видно е намален и бројот на починати, така што, на пример, во последните 72 часа, според вчерашниот извештајот на Националниот институт за јавно здравство на Косово, е забележан само еден смртен случај на заразен со коронавирусот.
Бројката на активни случаи, според последниот извештај на надлежните здравствени власти, моментно изнесува 2 380.
Од друга страна, проблем во справувањето на косовските власти со пандемијата останува ниската бројка на обезбедени вакцини и на вакцинирани лица. Официјално, досега се вакцинирани околу 64 илјади лица – главно медицински персонал и пензионери, и тоа со вакцини добиени како донација од програмата Ковакс и од ЕУ. Ова, според медиумските извештаи, го сместува Косово во групата земји со најнизок процент на вакцинирани, и тоа не само во регионот туку и во Европа.
Во петокот, на 28 мај, владата на Албин Курти соопшти дека постигнала договор со компанијата „Фајзер“ за купување во наредните месеци на 1,2 милион дози вакцини, по што очекува до крајот на годинава да се имунизира повеќе од 60 отсто од населението.