Говорејќи на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, Фон дер Лајен изјави дека напредокот на Косово и Србија кон ЕУ е возможен единствено ако двете земји ги нормализираат своите односи
Само ако Косово и Србија ги нормализираат своите односи, тогаш планот за раст ќе игра важна улога во патот на Косово кон Европската Унија. Оваа порака ја испрати попладнево по посетата на С. Македонија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Приштина.
Според неа, Косово треба да се ангажира за оформувањето на Заедницата на српски општини во северниот дел на земјата, додека Србија де факто треба да го признае Косово, пренесуваат српските медиуми.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, Фон дер Лајен изјави дека напредокот на Косово и Србија кон ЕУ е возможен единствено ако двете земји ги нормализираат своите односи.
„Се разбира, постои одредена волја каде треба да се ангажираат двете страни, да соработуваат, ние го повикуваме Косово да ја олесни постапката за прифаќање на Заедницата на српски општини која останува како нацрт, а Србија мора да прифати де факто признавање. Дијалогот на ЕУ е фокусиран на разговори, тоа е начин да напредуваме“,
порача Фон дер Лајен.
The Growth Plan will play an important role in your path to our Union.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 30, 2023
However we can only achieve this if Kosovo and Serbia normalise their relations ↓ https://t.co/ghagZ8MyPM
Таа го осуди нападот од 24 септември во Бањска порачувајќи дека тој е во спротивност со вредностите на ЕУ и извршителите треба да бидат процесирани. Претседателката на Европската комисија потсети дека ЕУ ја поддржала визната либерализација за Косово.
Претседателката на Косово, Османи, пак, ѝ се заблагодари на Фон дер Лајен за механизмите кои овозможија либерализација на визите за косовските граѓани.
Таа потенцира дека Косово ги имплементирало реформите и пораснало за 20 места на индексот за антикорупција и посочи дека земјата е подготвена за следните чекори кон целосна интеграција во евроатлантските институции, јавува Радио-телевизија Косово.
По Приштина, Фон дер Лајен ќе ја продолжи балканската турнеја во Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.