Планот за раст, кој претседателката на ЕК го елаборираше на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски, почива на четири столба – отворање на заедничкиот европски пазар за компании земјите од регионот, заокружувањето на проектот за заеднички регионален пазар на земјите од Западен Балкан, инвестиции и реформи во јавната администрација, јавните финансии, подобрена бизнис-средина, како и во независноста на судството и борбата со корупцијата кои, како што потенцира Фон дер Лајен, се од клучно значење
Тука сум денеска да ви кажам вам (на Владата н.з.) и на граѓаните на Северна Македонија дека сте на добар пат да се приклучите на Европската Унија и со нетрпение очекувам да ве пречекаме таму.
Ова го истакна претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на почетокот на своето обраќање на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски по нивната средба во Владата.
„Знаеме дека Европската Унија има долга историја на пристапување, не била секогаш унија на 27 членки туку постојано се работело на проширувањето и таа има историја на почитување за сите и за секоја нација и почит за разноликоста којашто ја претставуваме. Затоа сигурна сум и уверена дека еден ден ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и со нејзиниот сопствен јазик. Денес веќе имаме 24 различни јазици во Европската Унија, а еден ден ќе го вброиме македонскиот јазик меѓу нив“,
рече Фон дер Лајен оценувајќи ги денешните разговори како одлични.
Таа истакна и се осврна на две пораки во нејзиното обраќање.
Во првата се осврна не процесот за носењето на уставните измени, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција меѓу земјава и Европската Унија изразувајќи оптимизам дека отворањето на преговорите по кластерите ќе се случи годинава.
„Северна Македонија веќе постигна многу, изоде многу и мојата желба е дека апсолутно треба да продолжите во таа насока. Скрининг процесот навистина се одвива беспрекорно, благодарам за одличната работа којашто ја завршивте, преговарачките тимови вршат фантастична работа и ние се стремиме да ги отвориме преговорите на Кластерот ’Основи’, оваа година и знам дека можеме да го направиме тоа“,
рече претседателката на Европската комисија.
Во овој контекст таа посочи оти е свесна за тековната работа во врска со уставните измени и дека добра вест во таа насока е што првите чекори веќе се направени во Собранието. Фон дер Лајен изрази надеж дека сите партии ќе ја искористат оваа можност за да ја придвижат земјата напред.
„Свесна сум за тековната работа во врска со измените на Уставот. Првите чекори веќе се направени во Собранието и тоа се добри вести. А сега се надевам дека сите партии, сите страни ќе ја искористат оваа можност да се придвижат напред, затоа што сега е вистинскиот момент, целата Европска Унија и сите оние земји коишто сакаат да се приклучат за процесот на проширување, затоа важно е да се искористи тој момент. Знам дека овие процеси можат да бидат навистина предизвикувачки и сигурна сум дека ќе ја одржите вашата репутација како успешно мултиетничко општество. Вие веќе го вклучувате она што е мото на Европската Унија, вие го отелотворувате тоа – ’Обединети во разноликоста’. И тоа е причината зошто Скопје го одби престижниот наслов на Европски град на културата 2028 година“,
рече таа.
Втората порака што ја упати претседателката на Европската комисија се однесуваше на Планот за раст на економиите на Западен Балкан, конкретно осврнувајќи се на С Македонија, како дел од оваа група земји, аспирантки за членство во ЕУ.
Во оваа насока таа посочи дека мора да ги зближиме нашите економии и дека тоа веќе се прави.
„Мора да ги зближиме нашите економии и ние веќе го правиме тоа. Гледајќи наназад имаме план од 30 милијарди евра, тој брзо се испорачува, на пример со соларните централи Осломеј и Битола инвестираме во обновлива енергија. Тоа е добро затоа што ни дава енергетска независност, а тука секако е и ветерниот парк во Богданци. Имате ветер, имате сонце, тоа се мошне важни ресурси за обновлива енергија. Минатата година поминавме низ сериозна енергетска криза, но се спротивстравивме заедно и поместивме планини. Ве поддржавме со 80 милиони евра, за да се справиме со влијанието на високите цени врз домаќинствата и бизнисите, ја обезбедивме енергијата што беше потребна во текот на зимата и бевме навистина успешни во тоа. Цените се намалија, сè уште работиме на нивно натамошно намалување. Тоа беа времиња на предизвик, но важно е дека ги надминавме заедно и тоа беше факт во минатото, но исто така дискутиравме и за енергијата денес, дискутиравме и за иднината, за тоа кои и да се предизвиците во енергијата, треба да се справиме со нив заедно и да ги надминеме заедно“,
рече Фон дер Лајен.
Таа рече дека Унијата е подготвена да почне со распределба на 100 милиони евра во макрофинансиска помош, што ЕУ претходно го најави, но, како што додаде, мора да правиме повеќе во насока на спојување на „нашите економии“.
Стремежот е како, што посочи Фон дер Лајен, економијата да се удвои во следната деценија.
Тука претседателката на Европската комисија на пластичен начин го елаборираше Планот за раст на земјите од Западен Балкан, кој, како што посочи, се заснова на четири столба.
„Првиот се состои во тоа што на вашите компании им даваме пристап до клучни делови на единствениот европски пазар, всушност ги отвораме вратите на единствениот европски пазар во седум различни, важни сектори“,
рече претседателката на ЕК.
Со вториот чекор ЕУ бара земјава да го отвори заедничкиот регионален пазар со соседните земји.
„Ова е затоа што има потенцијал на заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, тој е огромен и тој може, ако се заврши да го зголеми БДП на Западен Балкан за 10 проценти. Тоа е навистина огромна можност да се придвижиме напред“,
рече шефицата на извршното тело на ЕУ.
Условот за отворање на вратите на единствениот европски пазар и заокружувањето на проектот за регионален пазар на Западен Балкан е во третиот столб од Планот за раст, каде што од клучно значење се реформите, рече Фон дер Лајен.
„Потребни ќе ни бидат позитивни реформи на пример за бизнис средината и реформи за Северна Македонија, кои што вклучуваат ефикасна јавна администрација, здрави јавни финансии, како и подобрена бизнис средина“,
рече Фон дер Лајен.
Во таа насока клучно, истакна таа, е да се продолжи со реформите за независноста на судството и борбата со корупцијата.
„Ова се сите реформи кои што треба да ни овозможат еднакво поле за игра на единствениот европски пазар, како и со регионалниот пазар на Западен Балкан, а реформите никогаш не се лесни. Тука доаѓа четвртиот чекор, ние доаѓаме со инвестиции, предложивме пакет од шест милијарди евра за нашите партнери од Западен Балкан и тука се работи всушност за реформи и за инвестиции. Зошто го предлагаме ова, затоа што имаме добро искуство со ова начело во Европската Унија го воспоставивме по пандемијата и функционира на истиот начин – реформи и инвестиции. Тоа функционира одлично и си помисливме зошто не го отвориме ова начело и за нашите пријатели на Западен Балкан. Планот за раст ќе ја поттикне вашата економија, најважно од сè ќе создаде добри работни места и ќе ве поддржи паралелно на вашиот пат на пристапување кон ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
Според неа ова е вистинска понуда во вистинско време.
„Планот има потенцијал да ја удвои вашата економија за една деценија, тоа е целта и ќе одигра важна улога на вашиот пат кон Европската Унија“,
подвлече шефицата на Европската комисија.
За Планот за раст, претходно во своето обраќање говореше и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, оценувајќи дека тој ќе даде силен поттик на процесот на евроинтеграциите.
„Овој План, ние го баравме од Европската Унија и затоа, тука, сакам да ѝ се заблагодарам на претседателката за нејзината посветеност и нејзиниот тим кој работеа на подготовката на овој план за раст. Процесот на евроинтеграции е процес кој е составен од две патеки, една е политичка, меѓутоа другата е економска бидејќи да не заборавиме ЕУ почива на политичка и на економска меѓу земјите членки. Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ но пред се од нас, земјите од Западен Балкан двојно ќе го зголеми обемот на економијата на регионот и во земјата“,
рече Ковачевски.
Тој наведе и дел од придобивките од Планот, меѓу кои ги спомена: можноста за отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи со кои се елиминираат трговските бариери; зголемување на опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз; скратување на времето за чекање на границите; намалување на трошоците за транспорт; непречено движење на услуги во делот на е-трговијата, признавање на квалификациите на професионалците и зголемување на квалитетот образованието; намалување на трошоците за безготовински прекугранични плаќања, отворање на дополнителни можности за развој и учество во процесите на енергетската трансформација на Европа…
На крајот од своето обраќање таа ја пофали земјава за нејзината, како што рече, неверојатна посветеност на својот пат кон ЕУ, а како пример го посочи усогласувањето на С Македонија со надворешната политика на ЕУ во однос на одговорот кон Русија за бруталната воена агресија врз Украина.
„Исто така сакам да ви честитам за одличната работа што ја работите во претседавањето со ОБСЕ. Постојано покажувате дека вие сте сигурен партнер и ви благодарам за тоа“,
го заокружи своето обраќање претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.