Милатовиќ нагласи дека целта за членство на Црна Гора во ЕУ до 2028 година е реална и поддржана од европските партнери, оценувајќи дека земјата е подготвена за завршна фаза од европскиот процес
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја повика Црна Гора да продолжи со реформите со исто темпо, нагласувајќи дека Самитот ја потврдил заедничката европска перспектива на регионот
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска на прес-конференцијата по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват изјави дека иднината на Западен Балкан е тесно поврзана со иднината на Европската Унија.

Процесот на проширување, додаде, влегува во понапредна фаза, посочувајќи дека се очекува Црна Гора да стане 28. членка на ЕУ до 2028 година.
„Она што го постигнавме за само 20 години е исклучително импресивно. Минатиот месец Европската Унија започна со изготвување на договор за пристапување на Црна Гора за првпат од 2013 година. Иднината на Западен Балкан е рамо до рамо со иднината на Европската унија (ЕУ) и сега навистина одбројуваме до следното проширување на Унијата – Црна Гора да стане 28. членка до 2028 година“,
рече Кошта.
Процесот со Албанија бележи напредок, рече тој, откако минатата недела е одржана меѓувладина конференција и е отворен следниот фазен чекор во преговорите, додека Европската комисија предложила затворање на три преговарачки поглавја.
Кошта се осврна и на реформите во Србија, истакнувајќи дека владата презентирала календар за усвојување на недостасувачките елементи од изборното законодавство и реформите.
Во наредниот период, според него, се очекува и завршување на реформите во судството во согласност со препораките на ОДИХР и Венецијанската комисија.
The Western Balkans are an integral part of the European Union’s future. Their accession remains our priority and a crucial geopolitical investment. https://t.co/m0os7wBRG3
— António Costa (@eucopresident) June 5, 2026
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ изјави дека одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват претставува силна потврда дека европската интеграција на Црна Гора е реален и остварлив процес.
Тој рече дека Црна Гора денес ја зближува Европа и оти Самитот испраќа силна политичка порака.
По првпат во земјата се собрале лидери на сите земји членки на Европската Унија, заедно со раководството на европските институции и партнери од Западен Балкан, што, како што рече, претставува историски момент за државата.
„Пред дваесет години граѓаните мирно одлучија да ја обноват својата држава. Денес Црна Гора ја обединува Европа“,
кажа тој.
Според него, европската перспектива на Западен Балкан останува жива и кредибилна, а проширувањето повторно се поставува како стратешки приоритет на Европската Унија.
Милатовиќ нагласи дека целта за членство на Црна Гора во ЕУ до 2028 година е реална и поддржана од европските партнери, оценувајќи дека земјата е подготвена за завршна фаза од европскиот процес.
„Подготвени сме да ги исполниме преостанатите обврски и да ја искористиме историската можност што е пред нас“,
вели црногорскиот претседател.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват потврди дека земјите од регионот припаѓаат на Европската Унија, оценувајќи дека станува збор за стратешка определба што се спроведува преку инвестиции, реформи и засилена соработка.
Таа нагласи дека на Самитот биле разгледани напредокот и ефектите од Планот за раст за Западен Балкан, кој, како што рече, веќе овозможува постепена интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ и носи конкретни придобивки за граѓаните и економиите.
Фон дер Лајен оцени дека проширувањето претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на Европа, истакнувајќи го напредокот на Црна Гора.
„Ако требаше да го сумирам овој Самит во два збора, тие би биле: решителност и самодоверба. Решителност да се конкретизира европската иднина на Западен Балкан што е можно поскоро. Доверба дека нашата Унија ќе расте во годините што доаѓаат и дека членството на Црна Гора како 28-ма земја-членка до 2028 година е на дофат“,
изјави таа.
Ја повика Црна Гора да продолжи со реформите со исто темпо, нагласувајќи дека Самитот ја потврдил заедничката европска перспектива на регионот.
„Нашата безбедност е поврзана, нашите економии се поврзани и нашата иднина е поврзана. Процесот на проширување е начинот на кој ја претвораме таа реалност во членство“,
рече Фон дер Лајен.
Попладнево започна Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Црна Гора, а воведни зборови на пленарната седница имаа домаќините на состанокот – претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
