Состанокот на 6 март е свикан за да се разговара како да се одговори на драстичната промена на курсот во американската политика во однос на војната во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет да присуствува на специјалниот самит на Европската Унија за поддршка на Украина и европската одбрана следната недела во Брисел, јави ДПА.

„Постои нов моментум, што треба да доведе до сеопфатен, праведен и траен мир. Затоа е важно за нас да размениме мислења за тоа како понатаму да ја поддржуваме Украина и за принципите што треба да се почитуваат понатаму“, напиша претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во писмото со покана објавено денеска.
Тој додава дека ЕУ е подготвена да преземе поголема одговорност за безбедноста на Европа и дека треба да се подготви за можен европски придонес кон безбедносните гаранции што ќе бидат неопходни за да се обезбеди траен мир во Украина.
„Во однос на европската одбрана, лидерите на ЕУ треба да ги преземат првите одлуки на краток рок, со цел Европа да стане посуверена, поспособна и подобро опремена да се справи со непосредните и идните предизвици за нејзината безбедност“, напиша Коста, пренесе германската агенција.
Состанокот на 6 март е свикан за да се разговара како да се одговори на драстичната промена на курсот во американската политика во однос на војната во Украина, појаснува ДПА.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше првиот и досега единствениот лидер на ЕУ што беше примен во Белата куќа, вчера ги информира колегите за своите неодамнешни разговори со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.