Последниот ден од февруари ја донесе можеби првата вест за тој месец- дека УЈП открила корупција во Комисијата за борба против корупцијата.
„ Антикорупционер изнајмувал стан за 100 евра, но од комисијата земал 350 евра. Се прикажувале и лажни патни налози за да се земат трошоци за пат“- пренесоа дел од медиумите.
Веќе следниот ден, обвинителството отвори предмет за случајот по допрен глас а парламентарното мнозинство ги „побара“ главите на антикорупционерите.
„Доколку членовите на антикорупциската комисија веднаш не поднесат неотповиклива и итна оставка, во Собранието … ќе покренеме постапка за нивно разрешување.“ – изјави пратеничката Фросина Ременски на 01.03.2018
По првичното отфрлање одговорност, паднаа пет оставки а двајца антикорупционери одбија да се одделат од фотелјите. Премиерот најави нова, сериозна антикорупциска.
„ Ние можеме да ги ослободиме институциите навистина ако бидеме транспаренти, отчетни и понесеме одговорност па макар било тоа и етички. Нас ни треба сериозна антикорупциска комисија која по сите меѓународни пракси ќе биде поставена и ќе биде будното око на следење на извршната власт и се што има допир со народните пари.“- изјави Зоран Заев на 06.03.2018 година.
Шест месеци и серија корупциски афери подоцна – нема нова антикорупциска комисија а обвинителството се уште е во почетна фаза на проверка на сомнежот за корупција во претходната комисија.
—
Зад овие стаклени врати се канцелариите на Антикорупциската комисија во кои, на државен трошок, во моментов работат 30 луѓе. Основни цели им се превенција и репресија на корупцијата и намалување на појавата на судир на интереси. Но, освен работите кои се од техничка природа, комисијата веќе половина година не ја исполнува својата основна задача.
„ Причината е што нема кворум за седници откако во март, мнозинството и претседателот на Комисијата поднесоа оставки, а власта и покрај најавите досега не најде за потребно да избере нивни наследници. Не може да се згреши во претпоставката дека изминатите шест месеци беа комотни за вработените овде, но и за носителите на јавни функции.“
Патот по одговори за актуелната состојба го почнавме од настанот што доведе до оставките. Го побаравме засега необјавениот ревизорски извештај на УЈП кој откри незаконски трошења во антикорупциска.
„ Секторот за внатрешна ревизија на УЈП не може да дава информации согласно Етичкиот кодекс на внатрешните ревизори, принципот на доверливост и Повелбата за внатрешна ревизија. Од горенаведените причини, за сите информации во врска со работењето на ДКСК, Ве молиме да се обратите во ДКСК.“
Бидејќи во Државната комисија практично нема комисија и претседател до кој може да се обратиме, следната адреса ни беше Јавното обвинителство. Ни одговорија дека по половина година, се уште се во почетната, фаза на предистрага за случајот. Но, го обезбедиле документот кој даночната управа вели дека не смее да ни го даде.
„ Надлежен јавен обвинител од Управата за јавни приходи го прибави конечниот извештај за извршената ревизија за исплатата на плати и други надоместоци на вработените во Државната комисија за спречување на корупцијата за 2016 година. Во моментов се преземаат дејствија за проверка на наводите во извештајот. “
Овој став значи дека обвинителството се уште нема доволно елементи за да одлучи- дали да отвори истражна постапка, или пак ќе го отфрли случајот како неоснован. А ако нема истрага тогаш сигурно ќе има многу прашања- зошто се бараа и паднаа оставките.
„ Предистражната постапка на обвинителството сепак не претставуваше и не преставува никаква пречка за власта да избере нови антикорупционери. Па сепак, тоа не се случи.“
Зошто, прашавме кај двата најголеми коалициски партнери од мнозинството во Собранието. Координаторот на ДУИ, Ејуп Алими ни изјави дека проблемот бил во надлежната комисија, каде како гест на добра воља, мнозинство доби опозицијата.
„ Ние немаме мнозинство во комисијата за избори и именувања. Имаат ВМРО ДПМНЕ и БЕСА на Билал Касами. Досега не можевме да најдеме решение и за ова и за други прашања. Не станува збор за тоа дека има некакви преговори или поставување услови туку нема волја за соработка.“
Координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, има друго објаснување. Според него, по оставките биле соочени со дилемата- дали да изберат нов состав веднаш или да ги чекаат најавените законски измени, кои меѓу другото се очекувало да предвидат и нов начин на избор.
„ … Прашање е дали и доколку распишавме јавен оглас за избор на нови членови на ДКСК, тој ќе завршеше успешно. Нема професионалец во својата дејност, кој би се нафатил на таква одговорна задача, ако однапред знае дека на таа позиција нема да биде подолго од три месеци.“
Дека подготовката на нов закон е причината што Антикорупциска е празна, е објаснувањето и на министерката за правда. Но, таа отфрла одговорност за последиците од тоа што Македонија е без комисија за борба против корупција веќе половина година.
„Во надлежност на министерството за правда е да предложи законска рамка. Но исто така има многу други институции коишто треба да помогнат со својата активност во борбата со корупција. Законската рамка е почетната основа. Ние сме надлежни во делот за законот за спречување на корупција. Значи, активностите се на судиите во судските процеси, активноста на јавните обвинителства за гонење на криминалот и корупцијата.“ – изјави министерката за правда Рената Треневска Дескоска во четвртокот.
Овој одговор, министерката го даде на прес конференција минатата недела, на која презентираше работна верзија на измените на законот за борба против корупцијата. Меѓу другото, измените предвидуваат наместо седум, антикорупциска да брои пет члена. Изборот повторно ќе го врши парламентот, по претходно распишан конкурс, но со заострени услови и по јавно сослушување на сите соодветни кандидати.
„Еден од условите е во последните десет години кандидатот за член или за претседател на Комисијата, не смеел да биде пратеник, член на влада и не смеел да врши функција во орган на политичка партија. Ќе се бара од кандидатите да поднесат изјава дека ќе прифатат постапка за проверка на интегритет, доколку бидат избрани“
Тоа што министерката го престави како измени на постојниот закон, според неофицијалните информации од дел на невладиниот сектор, требало да биде комплетно нов закон, во кој би бил вметнат и законот за спречување на судирот на интереси.
Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации нема разбирање зошто Собранието не избра макар и привремен состав на Антикорупциска, додека се работи на комплетно ново решение.
„Ако сака да се покаже вистинска борба против корупцијата, овој вакуум не требаше да се дозволи … Не знам зошто се остави тој вакуум за сега да кажам да се брза со донесување на новиот закон, па според него да се изберат членовите на комисијата. Можеше ова брзање да не се случи. Да си се избереа членовите а законот да се носи како што треба.“
Немањето антикорупциска комисија, според Филков, фрла сенка врз сите партии во парламентот бидејќи ниту една не беше гласна во барањето- Антикорупциска да биде функционална. Иако, смета, антикорупциска не е единствената која треба да се бори против корупцијата, нејзината превентивна улога е важна.
„Еве и од Европската унија извештајот, постојано укажуваат на, да бидам прецизен, широко распространета корупција во земјата. Таа констатација со состојбава, не одговараат. Како и да сакаме да анализираме, што и да сакаме да кажеме, ако имаме широко распространета корупција а во моментов немаме или ниту ќе имаме уште неколку месеци, комисија која ќе може полноправно да одлучува, не соодветствуваат и секако не се испраќа добар сигнал. И кон внатрешните фактори, спрема граѓаните и спрема надворешната, онаму каде што сакаме да одиме, односно Европската унија.“
Во најдобро можно сценарио, новата антикорупциска комисија може да почне со работа до крајот на годинава. Тоа значи дека Македонија уште неколку месеци ќе остане без институцијата чија основна функција е да реагира и постапува како во случаите од последните месеци …
Напишете коментар