Полуфиналниот меч помеѓу Македонија и Косово во рамки на УЕФА Лигата на нации, кој е закажан за 26 март, може да се одигра без публика на Арената „Тодор Проески“ во Скопје поради состојбата со коронавирусот.
Каква ќе биде одлуката ќе зависи од препораките на надлежните институции во земјава, кои денеска ја продолжија препораката спортски натпревари да се играат без публика до 13 март.
Во таа насока се и информациите што доаѓаат од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
„Ги следиме мерките на Министерството за здравство, кое е надлежно за ваквата ситуација. Во најлош случај, можно е натпреварот да се игра пред празни трибини, а парите ќе им бидат вратени на сите што купиле карти. Но, сè зависи од одлуката на Министерството за здравство“,
изјави за „Фокус“, Златко Андоновски, портпарол во ФФМ.
Мечот помеѓу Македонија и Косово е од историско значење во однос на тоа колку е блиску А-репрезентација до пласман на Европско првенство, а влезниците се пуштени во продажба од вторникот (3 март). Победникот од дуелот во Скопје ќе игра финале против Грузија или Белорусија на кое победа ќе значи и пласман на Европското првенство кое ќе се одржи годинава.
Првично, препораката на Владата важеше до 6 март и се однесуваше на тоа да се откажат јавни масовни собири, а спортски натпревари да се играат без публика. Но, денеска министерот за здравство Венко Филипче информира дека утрово Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбата со коронавирусот препорачала продолжување на мерката до 13 март.
„Препораката да не се одржуваат масовни собири, како и големи спортски натпревари, на коишто очекуваме луѓе од странство да се одржуваат без публика и да се продолжи уште една недела, до 13 март – следниот петок. Оваа мерка доаѓа како резултат на тоа што бројот на лица во Европа континуирано се зголемува“,
рече Филипче.