Денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ се одложи бидејќи Катица Јанева е дел од ризичните групи поради епидемијата со коронавирусот.
Нејзините адвокати, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, во барањето до судот наведуваат дека Јанева има една од оние болести поради што спаѓа во ризична група на граѓани и треба да седи дома согласно мерките и препораките од Владата.
Судијката Васка Николовска-Масевска го прифати барањето на одбраната и го одложи рочиштето.
Судењето денеска требаше да продолжи со сослушување на сведоците предложени од Јанева. Таа предлага вкупно 13 сведоци, а меѓу првите имиња на листата се обвинителите што работеа во СЈО: Гаврил Бубевски, Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи и Трајче Пеливанов.
Јанева во предметот „Рекет“ се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со неа обвинет е и Бојан Јовановски-Боки 13 кому му се ставаат на товар делата примање награда за противзаконито влијание и перење пари.
Овој случај спаѓа во групите на предмети за кои Судскиот совет донесе одлука дека треба да се одржуваат и покрај коронавирусот бидејќи се итни, секако во услови во кои се испочитувани мерките и препораките за заштита.
*Поврзана вест: Рекет, 27 април, Титаник, Монструм… продолжуваат и покрај коронавирусот
„Рекет“ е е итен, затоа што има мерки и за двајцата обвинети, односно Јанева е во куќен притвор, а Јовановски е во притвор во затворот во Шутка.