Кина го прошири карантинот во покраината Хубеј – жариштето на коронавирусот откако бројот на починати се искачи на 26, а на заразени на над 800.
За разлика од вчера, кога беа само два, од денеска најмалку во уште 10 града во централната кинеска провинција, со население од 60 милиони, се воведени забрани за патувања.
Вчера пациент со коронавирус почина во соседната провинција Хебеј, што е првата жртва надвор од Хубеј.
Подоцна беше потврден уште еден смртен случај во североисточната провинција Хелонгџианг, која се граничи со Русија и е оддалечена повеќе од 2.000 километри од Вухан.
На национално ниво, во моментов има 830 потврдени случаи на пациенти заразени со вирусот.
Виетнам и Сингапур вчера беа додадени на листата држави со потврдени случаи на коронавирус, каде што веќе се Тајланд, САД, Тајван и Јужна Кореја.
Јапонија и Јужна Кореја денеска потврдија и втор случај, а САД сè уште го испитуваат својот втор осомничен случај, овој пат студент на универзитетот А&М од Тексас, кој престојувал во Вухан.
Светската здравствена организација засега не го класифицираше вирусот како „глобална вонредна состојба“, делумно поради малиот број случаи во странство – во моментов 13, иако генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејзус не ја исклучи можноста наскоро да се случи и тоа.
Вухан гради посебна болница за заболените од коронавирусот
Во кинескиот град Вухан забрзано се гради нова болница со 1000 кревети, каде би требало да се лекуваат заболените од коронавирусот. Според најавата на кинеските власти, стационарот ќе биде готов до 4 февруари.

Ова не е првпат во Кина да се гради цела болница за само десетина дена. Кога во 2003 година изби епидемијата на САРС, од која починаа 774 лица, во Пекинг за една седмица беше изградена болница.