Украинска православна црква на Онуфриј, кому поглаварот на МПЦ-ОА му го честитал именденот, и натаму е под влијание на Русија и покрај тоа што пред две години, наводно поради војната, се откажа од потчинетоста кон Московската патријаршија и прогласи автокефалност, со што практично замина во раскол и шизма бидејќи тоа не може да се стори без формална одлука на Вселенската патријаршија
Архиепископот охридски и македонски Стефан, од името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и од негово лично име, упатил честитка по повод именденот до митрополитот Онуфриј, поглавар на Украинската православна црква која неформално е под контрола на Москва.

„Ве поздравуваме на денот на споменот на вашиот небесен покровител, преподобниот Онуфриј Велики, со сесрдни и најискрени желби за силно здравје и изобилство Божјо милосрдие во вашата исконска служба на Црквата Христова. Вашите дела и молитви како Претставник на Украинската православна црква го зајакнуваат верниот народ, покажувајќи дека сте добар пастир на стадото што ви е доверено од Бог“,
се вели во честитката од г.г. Стефан упатена до Онуфриј.
Украинска православна црква на Онуфриј и натаму е под влијание на Русија, и покрај тоа што пред две години, наводно поради војната, се откажа од потчинетоста кон Московската патријаршија и прогласи автокефалност, со што практично замина во раскол и шизма бидејќи тоа не може да се стори без формална одлука на Вселенската патријаршија. Дека е под сериозно влијание на Москва сведочи и податокот дека таа не трпи никакви санкции од Руската црква. Напротив, рускиот патријарх Кирил не само што ја прифати туку изрази и целосно разбирање за одлуката на Украинската православна црква – Московска патријаршија да ги прекине односите поради војната.
„Ние целосно разбираме како страда Украинската православна црква денес“,
изјави тогаш Кирил додавајќи дека духовите на злото сакаат да го поделат православниот народ на Русија и Украина, но во тоа нема да успеат.
Со оглед дека таа формално и канонски е без статус, дилемата што се отвора е кому архиепископот Стефан му честита име – на поглавар на црква или на расколник?
Во Украина функционира и Православната црква на Украина (ПЦУ), под раководство на митрополитот Киевски г. Епифаниј. Оваа црква на 5 јануари 2019 година доби томос за автокефалност од Вселенската патријаршија и според принципите на православието, таа е независна, автокефална црква, призната од повеќе други помесни цркви.
За МПЦ-ОА, Православната црква на Украина е неканонска црква, иако е призната од Вселенската патријаршија, но не и од Руската православна црква. Митрополитот Епифаниј, кој е поглавар на ПЦУ, веднаш по одлуката за воспоставувањето канонско единство на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија, има испратено писмо до поглаварот Стефан во кое ја поздравува одлуката и го поканува на сослужение. Синодот на МПЦ-ОА во работен состав одлучи да не се сослужува со јерархијата на Православната црква во Украина сè до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на православието.
Во меѓувреме, Синодот на МПЦ-ОА формира комисија која треба да го проучи статусот на ПЦУ бидејќи сослужувањето со свештенството од ПЦУ е едно од барањата од Вселенската патријаршија за МПЦ-ОА да добие томос од Вартоломеј.
Говорејќи за условите кои ѝ се поставуваат на МПЦ-ОА за томос, г.г. Стефан пред еден месец, во изјава за телевизијата Стар, рече дека тие се неприфатливи. Според поглаварот на МПЦ-ОА, некои од барањата на Вселенската патријаршија тешко ќе бидат позитивно одговорени и реализирани, особено тие поврзани со името и со дијаспората. Според него, неприфатливо е и барањето да се признае Украинската црква.
„Вселенската патријаршија која нѐ упатуваше на тоа и за кое впрочем се потпишани сите православни цркви во Шамбези дека така треба тоа да се случува нѐ прифати во заедничко сослужување во канонско единство со сите православни цркви. Ако ни даде томос, ние ќе го прифатиме, но условите кои ни се поставуваат се неприфатливи за нас – откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Украинската црква која ја призна Цариград“,
рече тој.
Но, митрополитот европски на МПЦ-ОА, г. Пимен, во телевизиско интервју дадено по изјавата на поглаварот Стефан, оцени дека условите поставени од Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност не се толку големи за да не може да се најде решение.
„Да, тие три услови постојат уште од моментот кога почнавме да ги затоплуваме односите и веќе да имаме еден понепосреден однос со Цариградската патријаршија. Тие беа трите услови – околу употребата на името, околу решевањето на прашањето со дијаспората, но и сослужувањето со Украинската црква. Не се толку тешки тие работи, дека не можат да се надминат. Со разговори мислам дека можеме да дојдеме до надминување на сите тие три услови“,
вели митрополитот европски.