Во рамките на направените контроли, Државниот инспекторат за транспорт констатирал неправилности кај 11 фирми и кај 10 физички лица кои вршат дејности за превоз на патници и стока
Државниот инспекторат за транспорт констатирал неправилности кај 11 фирми за вршење превоз на
патници и стоки во рамките на 138 контроли извршени во последните три дена. Меѓу фирмите кај кои се регистрирани неправилности и се изречени казни е и „Дурмо турс“ од Гостивар. Казни се изречени и за:
„Дени интернационал“ од Илинден, „Свис мак алигега“ од Гостивар, „Зем промет-компани“ од Сарај, „Словин Билјана“ од Охрид, „Бис“ од Охрид, „Пештер ДОО“ од Чаир, „Димитриоски“ од Гази Баба, „Хисари-ГД“ од Дебар, „Инком бизнис“ од Куманово и „Палас експорт-импорт“ од Гостивар.

Инспекторатот констатирал неправилности и кај 10 физички лица кои вршат дејности за превоз на патници и стока.
„Инспекциските надзори се спроведуваа согласно акционен план на Министерство за транспорт – Државен инспекторат за транспорт од страна на државните инспектори за патен сообраќај. За утврдените неправилности ќе бидат информирани и МВР и Јавното Обвинителство со цел нивно понатамошно постапување“,
информираат од Државниот инспекторат за транспорт.
Оттаму дополнително информираат дека од понеделник, 24 март, ќе се спроведуваат интензивни контроли над превозот на патници и стока, проверка на документи (лиценци, изводи од лиценци, дозволи, сертификати за професионална компетентност на возач, тахографи), надзор на безбедноста во сообраќајот и спречување на нелегален превоз.