Вратата е отворена за сите политички партии кои се за концептот за европска Македонија. Ќе порачам дека парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што е денес, рече премиерот
Конкретни разговори за кадровски прашања со Алијанса за Албанците сѐ уште нема, дециден беше денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политичка и втората е кадровска и за такви сè уште нема конкретни разговори“,
рече Ковачевски, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојческа беше во посета на Преспа.
Премиерот уште еднаш го повтори ставот дека во државата има два концепти – едниот е концепт за европска Македонија, односно продолжување на патот на преговори и зачленување на државата во ЕУ, а вториот, како што рече, е концептот на Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ против ЕУ и НАТО.
„Нема една стратешка одлука која ВМРО-ДПМНЕ ја поддржало, за жал. За сите политички партии кои се за концептот за европска Македонија вратата е отворена. Ќе порачам дека парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што е и денес“,
рече премиерот Ковачевски.
Во однос на вчерашната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека паракриминални структури вршат притисок врз пратеници на власта кои сакаат избори, Ковачевски, рече дека Мицкоски е човек кој со лага сака да прикрие друга лага.
„Најлошо е кога човек со лага сака да прикрие друга лага, а ова му е трета лага на Мицкоски. Пред една година шеташе низ Собранието велејќи дека има 61 пратеник за да ја сруши Владата, а потоа го видовме таа вечер на клиника. Исто така, пред Нова година кажа дека има 61 пратеник за да ја сруши Владата, за сега да каже дека полукриминални… Не знам каква му е таа реченица“,
додаде Ковачевски.
Во СДСМ, потенцира тој, има чесни структури.
„Пратениците на СДСМ се членови по функција на Централниот одбор и нивниот глас вреди исто колку што вреди гласот на претседателот на партијата и секој од нив го кажува своето мислење. Сите одлуки во СДСМ се носени едногласно. Во СДСМ претседателот на партијата односно јас или кој било претседател претходно ниту им барал меници на пратениците ниту изјави заверени на нотар, како што тоа го барал Мицкоски, со цел да може да ги држи во заложништво. Исто како што самиот тој е во заложништво на Апасиев“,
рече Ковачевски.
Денеска и министерот за надворешни работи и член на ДУИ, Бујар Османи, рече дека разговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата продолжуваат.
„Каков ќе биде исходот и текот на тие разговори не можам да кажам, меѓутоа мислам дека граѓаните очекуваат од нас барем една година од нашиот политички живот да ги тргнеме партиско-политичките интереси настрана, да седнеме и да кажеме дека оваа година е одлучувачка за наредните децении. Ќе седнеме во влада или надвор од влада и ќе ги донесеме тие одлуки. Сметам дека тој политички момент е созреан и би било во интерес на европската перспектива и на граѓаните тој заеднички план да се случи“,
рече Османи одговарајќи денеска на новинарско прашање дека токму двотретинското мнозинство е условот што го поставуваат АА за да бидат дел од Владата.