Во извештајот се наведува дека Трамп знаел дека изгубил, но сепак вршел притисок на државни функционери и на потпретседателот Мајк Пенс да ги поништат изборите. Потоа, како што се подвлекува, поранешниот американски претседател бил директно одговорен за собирање на насилната толпа која упадна во Капитол, во меѓувреме одбивајќи ги постојаните молби од неговите помошници да ги осуди немирите или да побара од своите поддржувачи да си заминат
Конгресната комисија која го истражува нападот на Капитол на 6 јануари го објави својот конечен извештај во кој го обвинува поранешниот американски претседател Доналд Трамп за „повеќекратен заговор“ за да се попречи волјата на народот и да се поништи демократијата.

Поделен на осум поглавја, извештајот од 845 страници вклучува наоди, транскрипти од интервјуа и законодавни препораки и претставува едно од најукорните официјални портретирања на претседател во американската историја, пишува „Гардијан“.
Неговото објавување доаѓа само три дена откако избраниот Комитет на Претставничкиот дом во понеделникот препорача Трамп да биде кривично гонет за нападот на Капитол, како и по медиумските извештаи дека поранешниот претседател соработува и споделува клучни докази со Министерството за правда.
Комисијата, која ќе се распушти на 3 јануари кога републиканците ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, спроведе повеќе од 1 000 интервјуа, одржа 10 јавни расправи – од кои дел во ударни телевизиски термини и собра повеќе од еден милион документи од формирањето во јули минатата година.
Нејзиниот извештај претставува продлабочен и детален приказ на напорите на Трамп да го поништи поразот од Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година и приказ на она што Комисијата вели дека е неговата вина за насилниот бунт од неговите поддржувачи.
Извештајот наведува дека Трамп знаел дека изгубил, но сепак вршел притисок на државни функционери и на потпретседателот Мајк Пенс да ги поништат изборите. Потоа, како што се подвлекува, поранешниот американски претседател бил директно одговорен за собирање на насилната толпа која упадна во Капитол, во меѓувреме одбивајќи ги постојаните молби од неговите помошници да ги осуди немирите или да побара од своите поддржувачи да си заминат.
„Централната причина за 6 јануари беше еден човек, поранешниот претседател Доналд Трамп, кој го следеа многу други. Ниту еден од настаните на 6 јануари немаше да се случи без него“,
се вели во заклучоците на документот.
Во двата месеци помеѓу изборите во САД и немирите на Капитол, проценува Комитетот, Трамп или некој од неговиот поблизок круг соработници биле вклучени во најмалку 200 очигледни дејствија на вршење јавен или приватен притисок врз членови на Конгресот или администраторите на државните или локалните избори. Ова вклучува, наведува комисијата најмалку 68 состаноци, телефонски повици или СМС пораки, 18 случаи на истакнати јавни забелешки и 125 објави на социјалните мрежи од Трамп или негови високи соработници.
Со објавувањето на извештајот, како што пишуваат медиумите, се зголемува политичкиот притисокот врз јавниот обвинител Мерик Гарланд и врз специјалниот советник кој ја води истрагата за упадот во Капитол.
Веб-страницата „Панчбоул њуз“ објави дека комитетот започнал „опширно да соработува“ со специјалниот советник, споделувајќи документи и транскрипти, вклучувајќи текстуални пораки испратени од Марк Медоус, тогашниот шеф на кабинет на Белата куќа.
Во понеделникот, на последната јавна седница, Комитетот едногласно упати четири кривични дознаки до Министерството за правда против Трамп, во врска со неговата улога во бунтот што започна со неговите лажни тврдења за украдени избори, а заврши со опсада на толпата на американскиот Капитол. Станува збор за прв случај во американската историја Конгресот да преземе ваква акција против поранешен претседател.
Со едногласното усвојување на извештајот, Комитетот препорача и конгресни етички истраги за лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти и другите членови на Претставничкиот дом поради игнорирање на поканите на Конгресот во рамките на собирањето информации за нивните контакти со Трамп пред, за време и по крвавиот напад.
„Членовите треба јавно да бидат испрашани за нивното претходно знаење и улога во планот на претседателот Трамп да ја спречи мирната транзиција на власта“,
се наведува во извештајот.
Иако наводите во извештајот кои директно сугерираа дека поранешниот претседател Трамп извршил кривично дело, сепак станува збор за симболичен акт, наведува „Гардијан“ бидејќи на крајот дали тој ќе биде кривично гонет или не одлучува Министерството за правда на САД. Но, извештајот, како што коментира весникот, е уште еден удар за изборната кампања на Трамп, кој ќе бара уште претседателски мандат на изборите во 2024 година.
Конгресната комисија беше формирана летото 2021 година, откако републиканците во Сенатот го блокираа формирањето на бипартиска, независна комисија за истрага на нередите. Кога тој напор не успеа, Домот под контрола на демократите формираше сопствен истражен комитет, составен од седум демократи и двајца републиканци – Лиз Чејни од Вајоминг и Адам Кинзингер од Илиноис.
За време на осумнаесетмесечната истрага, панелот презентираше докази дека нападот на 6 јануари во американскиот Капитол не бил спонтан протест, туку оркестрирана „шема“ на Трамп со цел да ја сруши демократијата и да ги поништи изборите.