На Конгресот беше избран и новиот Централен комитет на партијата. Според државните медиуми, тој има 205 членови. Премиерот Ли Кечијанг, главен поборник за економски реформи, повеќе не е член на Централниот комитет
На седницата поранешниот кинески претседател Ху Ѓинтао беше изнесен од салата, очигледно против негова волја, пред церемонијата на затворање на Конгресот на Комунистичката партија на Кина. Тој необичен инцидент не беше објаснет или пренесен од кинеските државни медиуми
Делегатите на Конгресот на кинеската Комунистичка партија, кој се одржува на секои пет години, денеска во партискиот устав ја запечатија идеологијата на претседателот Си Ѓинпинг и неговата долготрајна лидерска улога. Меѓу измените кои ги усвоија делегатите се и таканаречените Две одредби и Две заштитни мерки кои имаат за цел да го манифестираат приматот на Си и неговите политички идеи во Комунистичката партија и да го осигураат централниот авторитет на партијата во Народна Република Кина.
Конгресот дополнително реши да ја зајакне војската и да ја унапреди во „вооружени сили од светска класа“. Истот така беше одлучено дека треба да има решително спротиставување на аспирациите на Тајван за независност. Кинеското раководство ја смета демократската островска република како дел од Народната Република и се заканува дека ќе ја освои. Тајван, од друга страна, долго време се смета себеси за независна држава.
На Конгресот беше избран и новиот Централен комитет на партијата. Според државните медиуми, тој има 205 членови. Премиерот Ли Кечијанг, главен поборник за економски реформи, повеќе не е член на Централниот комитет. Шеесет и седумгодишниот политичар на годишното заседание на Народниот конгрес во март годинава објави дека по два мандата повеќе не сака да се кандидира за шеф на владата. Во Пекинг веќе подолго време кружат гласините за политички разлики меѓу Ли и Си, кои доаѓаат од различни табори во партијата.
Централниот комитет, кој треба да ја води партијата во следните пет години, во недела ќе го именува Политбирото и неговиот Постојан комитет – централниот орган на власта на Народната Република. Политбирото обично се состои од 25 луѓе, а Постојаниот комитет моментално има седум члена.
На седницата поранешниот кинески претседател Ху Ѓинтао беше изнесен од салата, очигледно против негова волја, пред церемонијата на затворање на Конгресот на Комунистичката партија на Кина. Тој необичен инцидент не беше објаснет или пренесен од кинеските државни медиуми, а се чини дека секое спомнување на поранешниот претседател е цензурирано на кинескиот интернет.
Ху Ѓинтао беше претседател на Кина од 2003 до 2013 година. Ху (79) изгледаше многу изнемоштено и беше повикан од персоналот да стане од своето место до претседателот Си Ѓинпинг во првиот ред во Палатата на народот во Пекинг каде се одржуваше конгресот.
На седницата во недела, Си Ѓинпинг треба да биде потврден и како генерален секретар на КП и како шеф на Воената комисија за невообичаен трет петгодишен мандат. Ова ќе ја консолидира позицијата на 69-годишниот политичар како најмоќен шеф на државата по Мао Це Тунг. Мао беше соосновач на Кинеската Комунистичка партија и ја прогласи Народна Република Кина во 1949 година. Пред четири години, Си го укина ограничувањето за два претседателски мандати. Тој ја постави Кина на сè поавторитарен курс.