Станува збор за два стана на улицата Бихаќска во Кисела Вода, три апартмани во „Панорама резиденс“, како и градежно земјиште во Центар и во Норово, кои, како што велат од Агенцијата за управување со одземен имот, во најкратко време ќе бидат ставени во постапка за продажба
Груевски во случајот „Плацови на Водно“ беше осуден за две кривични дела: перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. Покрај конфискација на имотот, Кривичен на експремиерот му одреди и затворска казна од седум години, која Апелација ја зголеми за уште две години. Инаку, поранешниот премиер, преку неговиот адвокат Димитар Дангов, кон средината на јули годинава до Врховниот суд поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Плацови на Водно“
Имот на поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е одземен со правосилна судска пресуда, оди на продажба, соопшти Агенцијата за управување со одземен имот.
Во објавата на Агенцијата на нејзиниот официјален фејсбук-профил, која почнува со своевидна парола „Правда за сите“, се наведува дека станува збор за станови, апартмани и градежно земјиште.
Оттаму велат дека со влегувањето во владина постапка започна враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Станува збор за два стана кои што се наоѓаат на улица Бихаќска, еден од 65 м2, другиот од 44 м2 на КО Кисела Вода 1, одземени со правосилна пресуда III KOK. бр. 63/21 од Основен кривичен суд Скопје. Покрај овие два стана, одземени се и три апартмани во ’Панорама резиденс’, како и градежно земјиште во КО Центар и градежно земјиште во КО Норово, кои исто така во најкратко време ќе бидат ставени во постапка за продажба“,
се наведува во краткото соопштение на Агенцијата за управување со недвижен имот.
Инаку, станува збор за имот кој на Груевски му беше конфискуван со пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за случајот „Плацови на Водно“, која беше потврдена и од Апелацискиот суд Скопје.
Покрај конфискација на имотот, Кривичен на експремиерот му одреди и затворска казна од седум години, која Апелација ја зголеми за уште две години.
Груевски во случајот „Плацови на Водно“ беше осуден за две кривични дела: перење пари и противправно стекнување и прикривање имот.
Поранешниот премиер Никола Груевски, против кого се водат неколку судски предмети, во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“, побегна во Унгарија каде што доби азил. Македонските власти по него имаат распишано меѓународна потерница
Покрај Груевски, во случајот „Плацови на Водно“ за виновен беше прогласен и неговиот братучед, бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков. Тој од Кривичен доби затворска казна од една година и три месеци, а оваа казна од Апелација потоа беше преиначена во условна.
На едногодишна затворска казна во „Плацови на Водно“ беше осуден и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, додека условни добија негова мајка Ратка Куновска-Камчева, како и Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.
Инаку, поранешниот премиер Никола Груевски, преку неговиот адвокат Димитар Дангов, кон средината на јули годинава до Врховниот суд поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Плацови на Водно“.
Тој преку неговиот адвокат Димитар Дангов до Врховниот суд поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Плацови на Водно“.
Највисокиот суд сè уште не се произнел по ова барање.
Агенцијата за управување со одземен имот во август годинава објави оглас на кој беа понудени дел од конфискуваните недвижнини на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков за случајот „Империја“, а наддавањето беше закажано за 25 август.
На почетокот на септември беше објавено дека Агенцијата успеала да продаде вкупно три одземени недвижности од Мијалков.
„Станува збор за три недвижности кои согласно правосилната судска пресуда КОК – ПП бр. 283/2022 се одземени од Сашо Мијалков. Реализираните парични средства од продажбата ќе го зголемат државниот буџет во вкупен износ од 15 000 500 денари или 244 000 евра“,
информираа тогаш од Агенцијата за управување со одземен имот.
На продажба беа понудени два стана во Охрид, од кои едниот со површина 65 квадратни метри, чија вредност од Бирото за судски вештачења е проценета на 5 775 234 денари или околу 94 илјади евра. Другиот стан, кој е во иста зграда, е поголем, со површина од 114 квадратни метри и е проценет на 9 032 505 денари (околу 147 000 евра). Земјиштето од 56 818 квадратни метри кај Морани во Општина Студеничани беше понудено со почетна вредност од 17 045 421 денари или околу 277 000 евра, додека плацот кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 квадратни метри беше проценето на 29 686 денари или нешто помалку од 500 евра.
Претходно, во јули годинава на аукција на берза беа ставени запленети акции на Мијалков.