Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок со градоначалниците во скопските општини, најавува министерот за здравство Венко Филипче.
„Мора на секое ниво да се јакне свеста за превенција од вирусот. Комисијата за заразни болести утре има состанок со скопските градоначалници утре на состанок. Секој од нив треба силно да помогне во справувањето со растечкиот број на заразени од коронавирусот“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Токму во Скопје се повеќе од половина од моментално активните случаи во земјава. Според најновите податоци од здравствените власти, во земјава активни се 2 942 случаи од кои во Скопје се 1 699. Најголем дел од нив, близу 400 се во Чаир, потоа следуваат општините Гази Баба, Бутел, Центар, Сарај, Аеродром, Карпош…
Меѓу заразените е и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој вчера објави дека е позитивен на вирусот. Од скопските градоначалници, претходно се зарази и првиот човек на Чаир, Висар Ганиу.
Денешните бројни на ниво на држава потврдија дека има 101 нов случај со ковид-19, од кои 59 се во Скопје.