КЗБ потенцира дека од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се ковид-позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски. Посебен апел за миење раце, дезинфекција, одбегнување гужви, надлежните упатуваат и до граѓаните кои се во ризичните групи
Комисијата за заразни болести (КЗБ) по денешниот состанок не препорача воведување на нови рестрикции за заштита од ковид-19, но апелира дека сите треба да се однесуваме совесно и одговорно, а особено граѓаните кои се во ризичните групи да ги почитуваат сите мерки.
Како што велат од КЗБ, изминатата недела забележан е благ пораст на бројот на новозаразени – 8,5 отсто, што е значително понизок раст во споредба со претходната недела кога бројот на нови случаи беше со раст од дури 55,7 отсто.
„Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор. Во овие услови, Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи“,
велат од Комисијата.
Оттаму потенцираат дека е од особена важност граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се ковид-позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски.
Посебен апел оттаму упатуваат до граѓаните кои се во ризичните групи.
„Останува силната препорака/апел за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против Ковид-19“,
велат од КЗБ.