Комисијата мора да има точен број на деца кои би го користеле дневниот престој по завршување на наставата за да се процени дали има епидемиолошки ризик
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не излезе со предлог дали во основните училишта може да се организира целодневен престој за децата кои физички ќе посетуваат настава. Ќе се чекаат податоци од Министерството за образование за тоа колкав е бројот на децата, кои освен настава со физичко присуство, родителите ќе ги пријават за целодневен престој, па потоа ќе донесе одлука.
„Мора да имаме точен број на деца кои би го користеле дневниот престој по завршување на наставата и тие податоци треба да ни ги обезбеди Министерството за образование и наука, па дури потоа да донесеме одлука, односно да препорачаме“,
вели за МИА д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје на Скопје и член на Комисијата за заразни болести.
Министерот за здравство Венко Филипче во саботата изјави дека одлуката за продолжен престој најверојатно ќе биде позитивна.
Тој тоа го објаснува со податокот дека истите деца за кои сега е проценето дека може да следат настава со физичко присуство и дека нема епидемиолошки ризик, всушност, ќе бидат истите што би посетувале продолжен престој. Односно, нема зголемување на контактите, туку само се продолжува времето на престој во училиштето.