Комисијата за заразни болести (КЗБ) денеска препорача да се укине задолжителното поседување сертификат за вакцинација или прележаност на ковид-19 за влез во земјава. Овие потврди ќе останат да важат за влез во угостителски објекти во затворено.
Оваа обврска, при влез во ресторани и барови, не е препорачано да биде укината зашто Комисијата смета дека не е добро да се укине сè одеднаш, туку постепено.
„Постепеното укинување на мерките дава резултат и тоа се гледа по секојдневниот пад на бројките“,
изјави портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ.
Новиот предлогот за влез во земјава, без сертификат за вакцинација или прележаност, треба да биде усвоен од Владата.
На седница вчера Владата ја одобри претходната порака на КЗБ – да се укине мерката за задолжително носење заштитни маски во затворани простории, освен во здравствени домови, аптеки, јавен превоз и во домовите за стари и установи за згрижување лица со посебни потреби.