Во декларацијата од девет точки се повикуваат властите во Северна Македонија да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза во сите форми и манифестации против бугарските граѓани и граѓани со бугарски идентитет

Бугарската собраниска Комисија за надворешна политика, на нејзината последна седница, едногласно усвои декларација, која треба да се стави на гласање на пленарна седница, а во која се изразува осуда поради „актите на насилство врз Бугарите, нивните клубови и организации“. Со декларацијата се осудува и насилството врз Христијан Пендиков и цврсто се инсистира на преземање систематски мерки од сите институции за откривање и доведување сторителите пред правдата
Бугарија, како што се вели во декларацијата, ги осудува „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на РСМ и ги прифаќа како намерно всадување омраза против Бугарија и Бугарите“.
„Заштитата на правата на бугарските граѓани и граѓаните со бугарска самосвест во РСМ мора да се гарантира и преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од Европската унија и со одлуката на 47. Народно собрание од 25 јуни 2022 година“,
се вели во декларацијата, која ја објави агенцијата БГНЕС.
Во декларацијата од девет точки се посочува дека се осудува говорот на омраза во Северна Македонија против локалните Бугари и Република Бугарија, како и неговите манифестации во политичкото, јавното и медиумското опкружување. Се повикуваат властите во Северна Македонија да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза во сите форми и манифестации против бугарските граѓани и граѓани со бугарски идентитет.
Во декларацијата се повикуваат институциите во Република Северна Македонија, во духот на европските вредности и слободи, да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно ќе ги нарушат односите меѓу двете земји и нивните граѓани.
Во документот се изразува загриженост дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во ЕУ“ што, како што се посочува, им служи на интересите на трети земји.
За односите меѓу С Македонија и Република Бугарија вчера телефонски разговараа премиерите на двете држави, Димитар Ковачевски и Галаб Донев. Премиерот Донев потсетил на очекувањата од Бугарија – Република Северна Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот на омраза и злосторствата, како и за почитување на правата на македонските Бугари.
Македонскиот и бугарскиот премиер разговарале и за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев да се одвиваат непречено.
Претходно од бугарската влада соопштија дека во таа насока в понеделник, на 30 јануари, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и претседателот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев, ќе остварат работна средба со своите колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари.
Премиерот Ковачевски, како што се потенцираше во соопштението од владината прес-служба, потенцирал дека оние поединци, без разлика дали се од Северна Македонија или Бугарија, кои ќе го нарушат мирот и безбедноста со своите активности ќе бидат соодветно санкционирани.
Во владиното соопштение се потврдува одлуката која ја донеле Ковачевски и Донев во врска со одбележувањето на 4 февруари, односно дека соодветните служби и од македонска и од бугарска страна се задолжени во заедничка координација да обезбедат чествувањето на помине во мирна атмосфера.