Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека прашањето за името предолго беше сенка над регионот, која попречуваше просперитет и безбедност.. Но сега, вели тој, има шанса за посветла иднина, посочувајќи го договорот за името како пример за сите други во регионот за консолидирање на мирот и стабилноста. За разлика од пред неколку денови, генералниот секретар на НАТО денеска, по средбата со премиерот Зоран Заев овде во Брисел, беше многу попрецизен за фазите низ кои ќе помине земјава до полноправното членство во алијансата.
– Убеден сум дека шефовите на држави и влади ќе го сторат тоа кога ќе се сретнат во јули и ќе ја поканат ПЈР Македонија да почне пристапни преговори. Потоа, ќе имаме пристапни разговори кои вообичаено траат неколку месеци и ако внатрешните процеси во земјата се финализираат, ќе можете да влезете во НАТО. Тоа значи дека откако ќе ги финализираме пристапните разговори, ќе потпишеме пристапен протокол и потоа овој пристапен протокол мора да биде ратификуван во различните парламенти на земјите-членки на НАТО, 29-те земји членки. Малку варира времето потребно за ова. Но, јас ќе ви дадам два примера. Кога Црна Гора се придружи, ние ја поканивме Црна Гора да почне пристапни разговори во декември 2015 година. Потоа, ги завршивме пристапните разговори во март 2016, што значи за три месеци. Потоа сите 29 сојузници го ратификуваа договорот до јуни 2017 година. Значи, тоа што понекогаш одзема повеќе време е ратификацијата во различните земји-членки. Кога Албанија и Хрватска се приклучија, тие беа поканети во април 2008 година на самитот во Букурешт и станаа членки во април 2009, една година подоцна. Значи, беше побрзо. Така што, зборуваме за нешто што трае меѓу една и една и пол година од моментот на покана за почеток на пристапни разговори до моментот кога земјата може да стане полноправна членка. Но, штом го потпишеме пристапниот протокол, што вообичаено трае само неколку месеци, во случајот на Црна Гора три месеци, тогаш земјата ќе биде поканета да учествува во сите состаноци на НАТО и ќе седи на тркалезната маса и ќе биде дел од Советот на НАТО. Всушност, Црна Гора почна да учествува во сите активности на НАТО во март 2016 година, само три месеци откако ги почнавме пристапните разговори. Значи, сето ова може да оди многу брзо. Зборуваме за месеци. Веднаш штом ПЈР Македонија ќе го финализира договорот, што значи да ги направи неопходните промени во Уставот и потоа можеме да ја поканиме земјата да стане член под новото име, Република Северна Македонија. Јас навистина се надевам дека граѓаните на вашата земја ќе ја зграпчат оваа можност. Ова е историска можност и ако оваа можност биде отфрлена тогаш е многу тешко да се замисли како би дошло повторно во ситуација да бидете толку блиску да станете членка на НАТО. На граѓаните на ПЈР Македонија е да одлучат, но ние сме подготвени да испратиме покана и да го направиме тоа во најкраток можен рок, зборувам за месеци – рече Столтенберг.
Ако беше јасен за фазите што следуваат, шефот на НАТО избегна директно да одговори на моето прашање за улогата што во процесот на ратификација на договорот за името, ја игра претседателот Ѓорге Иванов, со одбивањето да го потпише указот.
– Господине генерален секретар, го пофаливте договорот за името меѓу Македонија и Грција. Во текот на длабоката политичка криза во земјата минатата година имавте контакти со претседателот Иванов во врска со неговата неподготвеност да го даде мандатот на парламентарното мнозинство за да формира нова влада. Дали сега разговарате со претседателот Иванов или имате контакти со него, по неговото одбивање да го потпише договорот за името меѓу Македонија и Грција?
– Го сретнав кога го посетив Скопје пред неколку месеци, но ова се внатрешни процеси во земјата, па не е мое да имам мислење за тоа како точно овие внатрешни процеси се организирани. Тоа што јас го велам наместо тоа е дека ние ќе ја поканиме ПЈР Македонија да почне пристапни разговори на нашиот самит во јули. Уверен сум дека сите држави и шефови на држави и влади ќе одлучат така за две недели отсега. Потоа, ќе почнеме пристапни разговори и потоа земјата ќе може да се приклучи на НАТО веднаш штом ќе бидат завршени внатрешните процеси. Како точно ќе го направите тоа, јас ќе оставам на различните институции во Скопје, во земјата, да одлучат. Но, ние сме подготвени да ве направиме полноправен член на Алијансата веднаш штом овие внатрешни процеси се завршат – рече Столтенберг.
Столтенберг, во манир на добар домакин, денеска ги прошета Заев и владината делегација во новото седиште на НАТО, по што премиерот на Фејсбук објави фотографија со порака – го видовме нашето место на мапата членки на НАТО, 30-то место е за Македонија, напиша Заев. Но, за членството да се ефектуира потребни се успешен референдум и уставни измени. Затоа, премиерот упати апел до целото општество..
Остануваат нашите домашни задачи. Но, сега имаме навистина околу што да се обединиме на широкиот автопат и заедно да кажеме: Да, за нашата иднина! Да, за македонската иднина. Искуствата и стратегиските документи велат дека земјите членки на НАТО се силни промотори и на економскиот раст на партнерите во сојузот. Со таа мисла и со тоа уверување да ги пречекаме идните важни денови за нашата земја.
По некои медиумски објави дека ЕУ бара од Македонија и од Албанија да отворат прифатни кампови за мигрантите на своја територија, премиерот Заев денеска го негираше тоа..
– Нема никакви разговори. Никој не барал од Македонија бегалски камп. Уште еднаш само да напоменеме, ние ги следиме целосно политиките на ЕУ и НАТО, затоа што, еве, не сме членови а гледаме дека ќе бидеме, сепак, во координација со нив во делот на евентуално нови бранови на бегалски кризи, заедно како што и досега делувавме од 2015, така и ќе продолжиме да делуваме, но никој не барал од Македонија нешто посебно околу бегалски кампови или слично – рече Заев.
Денешните и настаните од претходните неколку денови потврдуваат дека договорот за името засега функционира – Грција ја крена рампата за НАТО и ЕУ откако спогодбата беше ратификувана во македонското Собрание.. Во следните месеци претстои најделикатната фаза – референдум, па уставни измени, а можеби и избори.. Потоа прашањето повторно ќе се врати во Брисел и во другите главните градови за да се затвори кругот на неопходни одлуки..
За 360 Степени од Брисел, Владимир Мирчески.
Напишете коментар