Од декември 2015 година, гинеколошките, микробиолошките прегледи, биохемиските анализи, породувањето и советувањето од страна на патронажните сестри, е бесплатно за сите бремени осигурани жени. Од јануари 2016, ова важи и за трудниците кои немаат здравствено осигурување. Но, колку жените навистина ги добиваат бесплатно законски утврдените услуги?
Девојката на снимките има 20 години и од неодамна е мајка. Целата бременост ја поминала согласно редовните процедури, со свој матичен гинеколог. Не сака да си го открие идентитетот но и да ја скрие нејзината приказна – дека иако државата гарантира бесплатени прегледи за трудниците, често плаќала по посетата на гинекологот. А нејзе, секој денар и значи.
„Јас имав проблем за брисевите, првиот пат оти не бев баш најсигурна и информирана, па си го платив тоа. И имав еден проблем за носењето на брисот во државната болница. Најнормално, нели секој гинеколог ги собира брисевите и ги носи тој, а мене мојот гинеколог ми рече дека морам јас да ги носам, а воедно дека треба кај него да плаќам за тоа“, вели таа.
Преку кампањите на невладиниот сектор, оваа жена сепак дознала кои се нејзините права. Сега и самата ги информира другите бремени жени. Најчесто со сиромашни бремени жени, на кои незаконски им се наплаќа, работи невладината организација „Хера“.Но, додаваат, тоа се случува на многу места.
Според Елизабета Божиноска, проблемот е во моделот на плаќање, кој не е прифатен од гинеколозите.
„Ние немаме анализа на ефектите од воспоставениот модел, што постигнуваме, кои се индикаторите, пред сѐ врзани за женското здравје коишто овој модел на плаќање ги постигнал досега. Мометалниот модел на плаќање, во околностите во Македонија, ниту поттикнува квантитет ниту квалитет, ниту е прифатен од оние кои директно ја нудат услугата-гинеколозите и е една од најдиректните причини за зголемување на пречките во пристапот до гинеколошките услуги на примарно ниво. Тоа е многу важно да се идентификува како клучен проблем“, смета Божиноска.
Проблемот не го кријат и гинеколозите. Но тие вината ја префрлаат кај Фондот за здравствено осигурување, дека нема слух за решавање на прашањето. Д-р Душко Филиповски објаснува дека минатогодишното зголемување на капитацијата за жени осигуренички од 50 на 55 денари и капитацијата од 110 денари месечно за бремена осигуреничка, ниту одблизу не ги покрива трошоците.
„Да знаат пациентките дека во текот на бременоста, грижата за нивната бременост е проценета на 110 денари месечно. И толку. Тоа не обезбедува ни консултација со мене. Тогаш како да очекуваме ние дека ќе бидат бесплатни микробиолошките брисеви, како да очекуваме дека ќе бидат бесплатни најмалку 3 ехо прегледи, како да очекуваме дека друго сѐ што треба да се направи во текот на една бременост, ќе биде бесплатно?“, прашува д-р Филиповски.
Според Филиповски, решението не е во промени на капитацијата туку на целиот пристап.
„Она што ние 10 години го предлагаме, а тоа е воведување на пакет на услуги во примарната гинекологија е решение кое ги решава најголемиот дел од проблемите во примарна гинекологија“, вели докторот.
Преку пакет услугите, кои ќе бидат соодветно утврдени според потребите на жените, точно ќе се знае што ќе им следува како услуга, а и лекарите за тоа ќе добиваат соодветна капитација, вели Филиповски.
Од Фондот пак, одговараат дека зголемувањето на капитацијата е еден од напорите кои ги направиле за им се излезе во пресрет на гинеколозите. Додека од институцијата индиректно испраќаат порака дека капитацијата е доволно висока, недвослимислено ги повикуваат и информираат пациентките- како да пријават ако гинеколог им побара пари за бесплатен преглед.
„Кога избраниот гинеколог ќе побара пари за бесплатен преглед, осигуреничките треба да му посочат на лекарот дека се запознаени со нивните права и дека прегледот кај избран лекар не се наплаќа. Во случај кога се инсистира на наплата за прегледот потребно е да побараат фискална сметка за извршените здравствени услуги, и да го информираат Фондот било преку претставка доставена во писмена форма или преку електронска форма, а во прилог да достават фотокопија од финансиската документација (фискална сметка)“, информираат од ФЗОСМ.
Според Елизабета Божиноска од „Хера“, јасно е дека е потребна промена во пристапот, а тоа е фокусот да биде на пациентките.
„Здравјето на жената е на прво место. Ако тоа го промениме, тогаш може да зборуваме за суштински промени. Сето друго е ад хок мерки“, потенцира Божиноска.
Додека не се договарат Фондот и гинеколозите, дали за повисока капитација или нов систем за покривање на услугите, малку е веројатно да престане и плаќањето за инаку бесплатните услуги. За некого, тие неколку стотина денари не се многу. Но за оние, како нашата 20 годишната соговорничка, тие пари прават голема разлика што ќе има на трпезата и за мајката и за нејзиното дете.