Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побарала уште осум обвинители, а добива пет. Советот на јавни обвинители знае колку обвинители треба во секое обвинителство ширум државата, но тешко дека во наредните години таа бројка ќе се пополни
Советот на јавни обвинители донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители на плус петмина во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Според ваквата систематизација, Обвинителството на чело со Вилма Русковска би требало да брои 18 обвинители заедно со шефицата. Во моментов работат со далеку помал капацитет, а дури и 18 обвинители се мала бројка, велат од Организиран криминал.
„Во моментов обвинителството функционира со 10 јавни обвинители вклучувајќи ја и Основната јавна обвинителка Вилма Русковска која раководи со ова обвинителство. Според обемот на работа предвидениот број на јавни обвинители е далеку од потребите на обвинителството, за што обвинителството достави барање до Советот на јавните обвинители да се прошири Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители за уште осум јавни обвинители, со што бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ќе изнесува 21 јавен обвинител“
велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое побара 8, а доби 5 обвинители.
Систематизација е направена согласно обврските од Законот за јавно обвинителство и утврден е и бројот на обвинители кои се потребни во сите обвинителства ширум државата, вели претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски. Но, додава тој, состојбата во моментов е далеку од идеална оти недостасуваат обвинители.
„Недостига кадар во речиси сите обвинителства. Констатиравме колку обвинители треба да има во секои обвинителство, но, сега и да сакаме да го прошириме бројот на обвинители, ситуацијата не ни дозвола оти нема кадар. Нови обвинители ќе имаме од Академијата дури за две години. И за организиран криминал донесовме одлука за петмина, сега ќе следува оглас па да видиме дали некој ќе се пријави“,
вели Колевски.
ОДЛУКА ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ВО ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА – 30.7.2020Преземи
Советот на јавни обвинители на Република Македонија со одлука го определува бројот на јавните обвинители во обвинителствата и ја спроведува постапката за избор и разрешување.
Според одлуката на Советот на јавни обвинители, во Тетово на пример, треба да има основен јавен обвинител со девет обвинители. Но, наместо тоа, можно е обвинителството да се затвори, предупредува Колевски.
„Некои обвинителства ќе бидеме приморани да ги затвориме, како тоа во Тетово, Прилеп и во Битола, каде немаат доволен јавнообвинителски кадар. Бројот е важен за нормално функционирање, но имаме хроничен недостаток. Ќе се направи и анализа за потенцијални зголемувања на некои места, но најверојатно од наредната година“,
вели Колевски.