Мерките се однесуваат на директна финансиска поддршка за ранливите потрошувачи, како и финансиска поддршка за домаќинствата со ниски примања преку која тие ќе добијат 600 денари помали сметки за струја
Владата на денешната седница одлучила и да ги задолжи институциите кои се под нејзина надлежност од сопствените буџети да ги платат заостанатите долгови за струја. За таа цел дозволено им е парите од неискористените буџетски ставки да ги пренаменат за плаќање на долговите
Владата со 60 милиони денари (речиси 1 милион евра) ќе им помогне на ранливите потрошувачи на енергија во плаќањето на сметките.
Преку соопштение оттаму информираа дека на седница денеска ја донеле Програмата за заштита на ранливите потрошувачи, за која претходно на прес-конференција информираше и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Предвидени се две мерките. Едната значи директен паричен додаток на ранливите потрошувачи под кои се подразбираат домаќинства кои користат гарантирана минимална помош и остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во согласност со Законот за социјална заштита и домаќинство во коешто живее лице во состојба на социјален ризик (мајчинство, болест, старост, повреда и попреченост).
Другата мерка, пак, предвидува лицата со ниски примања да добиваат намалување на сметките за струја за 600 денари.
„Финансиската поддршка е за лица со ниски примања доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15 194 денари; за домаќинство со два члена до 18 000 денари; за домаќинство до три члена до 21 000 денари; за домаќинство со четиричлена до 25 000 денари; и за домаќинство со петчлена и повеќе члена до 30 000 денари.
Овие лица ќе го остварат правото по пат на јавен оглас кој ќе го објави Министерството за економија. Финансиската поддршка ќе се исплатува 12 месеци со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето“,
објаснуваат од Владата.
За ранливите потрошувачи, додаваат оттаму, предвидени се и дополнителни мерки што ги презема дистрибутерот на енергијата како што се ослободување од обврските за плаќање на надоместок за повторно приклучување, трошоците за вонредна верификација на мерната опрема, како и други слични мерки.
Институциите да ги исплатат долговите за струја
За да се помогне во снабдувањето со електрична енергија, Владата на денешната седница одлучила и да ги задолжи институциите кои се под нејзина надлежност од сопствените буџети да ги платат заостанатите долгови за струја. За таа цел дозволено им е парите од неискористените буџетски ставки да ги пренаменат за плаќање на долговите.
Со оглед дека Владата не може да даде задолженија, до општините и институциите под нивна надлежност, како и до Собранието и до претседателот на државата, ова е на ниво на препорака.