Реакцијата на иницијативата „Кој е следен“ следува откако денеска некои портали во земјава објавија видеоснимка од платформата Зум на која група млади луѓе од Македонија преку видеоврска разговараат со девојка од Србија. Според пишувањата на порталите, станува збор за наводни координирани обуки кои ги држат српски активисти, а имаат за цел да предизвикаат протести и движења за дестабилизација во земјава, по примерот на Србија
Граѓанската иницијатива „Кој е следен“, која го иницира протестниот марш в понеделник во врска со трагедијата во Кочани, денеска во објава на социјалните мрежи демантира дека е поврзана со видеоснимката објавена во дел од порталите на која група млади луѓе од Македонија преку видеоврска разговараат со девојка од Србија за наводни насоки за дестабилизација во земјава по пат на протести, по примерот во соседна Србија.

„Нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Доволно е да се погледне самата снимка – името ‘Кој е следен’ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски вметнато во аголот на видеото. Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентскто организирање, ниту да го инструментализира. Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентично граѓанско незадоволство. Наместо одговорност на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови. Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја“,
велат од иницијативата „Кој е следен“.
Оттаму додаваат дека не се поврзани со ниту една политичка партија и дека јавно ги осудуваат сите обиди за партизација на иницијативата. Велат оти нема да бидат замолчени од, како што ја нарекоа, ваквата сурова пропаганда и дека нема да дозволат да се задуши секој млад, независен и слободен глас.
Реакцијата на иницијативата „Кој е следен“ следува откако претходно денеска дел од порталите во земјава објавија видеоснимка од платформата Зум на која група млади луѓе од Македонија преку видеоврска разговараат со девојка од Србија. Според пишувањата на порталите, станува збор за наводни координирани обуки кои ги држат српски активисти, а имаат за цел да предизвикаат протести и движења за дестабилизација, по примерот на Србија.
Денеска на прес-конференција во Владата, портпаролката Марија Митева рече дека не би сакале да се дозволи попречување или наштетување на истрагата за трагедијата во Кочани од различни мрежи преку повици за дестабилизација и различни сценарија.

Митева не прецизираше на што и на кого точно мисли кога спомна мрежи, повици за дестабилизација или сценарија кои би му наштетиле на текот на истрагата. Ниту неколкуте новинарски екипи кои беа на прес-конференцијата покажаа интерес за тоа на што точно алудираше Митева со ваквата изјава.
Дел од порталите кои ја објавија видеоснимката тврдат дека зад организацијата која сака да направи дестабилизација стојат имиња од политиката и медиумскиот свет.
На ваквите обвинувања се огласи поранешниот координатор за „Отворен Балкан“ во Владата, Марјан Забрчанец, негирајќи дека е на каков било начин поврзан со споменатите протестни движења. Од медиумите кои ги објавија ваквите наводи побара повлекување на клеветите против него во рок од 24 часа, а во спротивно, како што рече, ќе постапи според одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
„За да биде јасно до крај, согласно Устав и закон за јавни собири, сите граѓани во Македонија имаат право на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест. Уверен сум – ако во оваа држава има револтирани граѓани и револтирани студенти и млади (а, знаеме дека има), хушкачите и клеветниците нема да успеат ниту да го згаснат ниту да го компромитираат поривот и гневот кај револтираните со тоа што ќе клеветат и лажат дека јас сум ги организирал и инспирирал, ниту со клеветите и лагите дека сум имал цел да парализирам институции“,
пишува, меѓу другото, Забрчанец во објавата на Фејсбук.