Деиф се крие од јавноста повеќе од две децении. Единствената позната фотографија од него е онаа направена за лична карта во времето кога тој имал 30 години. Денес тој има 55 години
Израел планира да ги неутрализира сите членови на исламистичката група Хамас, а прва цел е еден од водачите на Хамас, Мохамед Деиф.
Кој е човекот кого израелските власти го сметаат за „непријател број еден“? Израелскиот полковник Џонатан Конрикус за порталот Нова.рс го опишува човекот кого малкумина можат да го препознаат во живо.
Фотографија од лична карта од пред 30 години
Мохамед Деиф е еден од лидерите на Ал Касам (Бригадите Из-ад-Ди-ал-Касам), милитантното крило на Хамас, кое стои зад низата напади врз Израел во последните неколку години.
Деиф се крие од јавноста повеќе од две децении. Единствената позната фотографија од него е онаа направена за лична карта во времето кога тој имал 30 години. Денес тој има 55 години. Агенцијата АП пишува дека дури и во Газа „само неколку луѓе би го препознале Деиф“.
Колку ретко се појавува во јавноста, покажува и друг факт – во текот на последните осум години, тој само двапати се огласи – еднаш во 2014 година, откако неговото семејство беше убиено во израелски воздушни напади и по вторпат на 5 мај годинава, неколку дена пред да започне серијата израелски напади врз Газа и обратно.
Во своето последно јавно обраќање, Деиф го предупреди Израел дека ќе плати висока цена ако ги истера Палестинците од своите домови во источен Ерусалим“.
Пет обиди за атентат
Во текот на последните две децении Израел неколку пати се обиде да го ликвидира Деиф. Се верува дека тој бил сериозно повреден во еден од тие обиди, па дури и дека е во инвалидска количка. Некои медиуми тврдат дека тој ги изгубил окото и раката во еден од нападите, но тоа никогаш не е потврдено.
Првиот обид за атентат е во септември 2002 година, неколку месеци откако тој стана водач на Ал Касам. Првичните вести беа дека Деиф е убиен во напад на израелската армија, сепак, израелските разузнавачки служби потврдија дека тој го преживеал нападот.
Две години подоцна, во 2004 година, тој повторно беше цел на напад кој го преживеа. Неговиот помошник Аднан ал Гул беше убиен во воздушниот напад на 21 октомври 2004 година.
Следниот обид за ликвидација се случил во раните утрински часови на 12 јули 2006 година, кога израелски авион Ф16 ја бомбардираше куќата во која се состануваа високите водачи на Хамас. Деиф ја преживеал експлозијата, но имал тешка повреда на ‘рбетот.
Ги загуби сопругата и синот во нападот на израелската армија
На 19 август 2014 година израелската авијација изврши воздушен напад врз куќа во населбата Шеик Радван во градот Газа. Во нападот што Деиф го преживеал неговата 27-годишна сопруга Видад и малолетниот син биле убиени. Абу Обеида, портпарол на военото крило на Хамас, тогаш изјави: „Израел не може да стигне до нашиот командант Деиф“, и додаде дека ќе ја предводи војската што ќе влезе за да ја ослободи светата џамија Ал Акса во Ерусалим.
На прашањето дали Деиф навистина бил цел на нападот, тогашниот (и сегашен) премиер Бенјамин Нетанјаху рече: „Водачите на терористичките организации се легитимни цели. Никој нема да биде поштеден“.
Илјадници луѓе присуствуваа на погребот на семејството на Деиф извикувајќи „одмазда“ за време на поворката.
Тогаш Деиф објави аудио во кое рече дека Хамас избрал да напаѓа војници, а не цивили. Снимката е објавена заедно со фотографиите на борците на Хамас кои напаѓаат мала израелска воена база во близина на Газа.
Најбараниот терорист за Израелците, херој за Палестинците
Очекувано, за Деиф има сосема поинакви гледишта во Газа и во Израел.
Израелските разузнавачки служби сметаат дека мозокот на сите операции на Хамас насочени против Израел – од ракетни напади до изградба на мрежа на тунели кои служат за борците на Хамас да можат да се инфилтрираат во Израел. Исто така, израелските власти го сметаат Деиф за одговорен за самоубиствените напади и убиства на израелски војници, поради што тој е најбараниот терорист во светот за Израел од 1995 година.
Од 2015 година, САД, кои го сметаат Хамас за терористичка организација, исто така го сметаат Деиф за еден од најбараните терорист.
Од друга страна, тој е херој во Палестина. Тој важи за еден од последните борци на Хамас од првата и втората генерација и еден од најголемите борци за независност на палестинската држава. Тој се смета за голем противник на какви било преговори или примирје со Израел. За помладата генерација Палестинци, Деиф е херој, пример и идол.