Уште во почетокот на годината, во една од етапите кога Мицкоски најавуваше ново парламентарно мнозинство, Реџепи изјави за „360 степени“ дека Беса е дел од коaлицијата која победи на парламентарните избори во 2020 година и која има мандат до 2024 година да ја води државата
Пратеникот на Беса беше еден од најупорните поддржувачи на измените на Законот за лични карти, за воведување на етничката припадност, кој беше договорен со СДСМ, за возврта на поддршката за Преспанскиот договор, но Левица го блокираше со над илјада амандмани
Минатиот петок, досега владејачката Беса приреди политичко изненадување кога објави дека преминува на страната на опозицијата која собираше 61 потпис за изгласување недоверба на владата. Изненадување беше и тоа што на состанокот во Собранието на кој се договараше оваа иницијатива, наместо Билал Касами, присуствуваше партискиот генерален секретар Адријанит Хоџа, единствениот министер на Беса во Владата, која речиси цела недела е под закана дека може да и биде изгласана недоверба во парламентот.
Денеска, пак, изненадувањето го предизвика пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, кој со недоаѓањето во Собранието ја оневозможи опозицијата да почне расправа во однос на поставеното прашање за доверба на Владата.
Лидерот на Беса, Билал Касами, кој денеска се појави во Собранието, првпат откако е избран за градоначалник на Тетово, прво рече дека не е изненаден од потегот на Реџепи, за потоа да излезе со сомневања дека неговиот сопартиец против своја волја не дошол во Собранието.
Наспроти сомничавоста на Касами, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, побрза да го спореди Реџепи со починатиот пратеник Амди Бајрам, кој своевремено оневозможи да и се изгласа недоверба на владата на ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и на Демократска алтернатива (ДА), додека, пак, Сулејман Реџепи – Зејд од Алтернатива го нарече предавник неговиот некогашен сопартиец. Од друга страна, Артан Груби од ДУИ, кој рече дека Реџепи му бил колега во Холандската амбасада, забележа дека пратеникот на Беса секогаш бил ориентиран кон ЕУ, НАТО и кон пријателството со САД.
Реџепи (53), инаку дипломиран економист, важеше за неформален координатор на таборот на Беса во Собранието, откако оваа партија се оддели од пратеничката група на СДСМ, но со четворица пратеници не можеше да формира своја пратеничка група.
По неодамнешните локални избори, пак, Беса остана со тројца пратеници, откако партискиот лидер Билал Касами беше избран за градоначалник на Тетово, а неговото место го зазема следниот кандидат (социјалдемократ) од листата на Коалицијата на СДСМ во шестата изборна единица. За разлика од Касами, Реџепи не успеа да стане градоначалник на Чаир, каде што беше еден од кандидатите, така што остана во Собранието.
Уште во почетокот на годината, во една од етапите кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавуваше ново парламентарно мнозинство, Реџепи изјави за „360 степени“ дека Беса е дел од коалицијата која победи на парламентарните избори во 2020 година и која има мандат до 2024 година да ја води државата.
„Можат да стигнат до максимум 53 пратеници. Како што се одвиваат работите, има повеќе изгледи мнозинството да се зголеми“,
изјави Реџепи во почетокот на годината.
Слично како тогаш Реџепи, лидерот на Беса Касами, во периодот меѓу двата круга од локалните избори, како и по вториот круг и по оставката на премиерот Зоран Заев, тврдеше дека актуелната Влада има мандат до 2024 година и дека е можно проширување на мнозинството. Иако пред вториот изборен круг, тој и новиот градоначалник од Беса на Желино добија поддршка од опозициската Алијанса за Албанците (но не и од Алтернатива) наспроти противкандидатите од ДУИ во овие општини, Касами и потоа тврдеше дека очекува пратеници од опозицијата да се приклучат кон мнозинството предводено од СДСМ.
Така беше се до 4 ноември, кога Адријанит Хоџа се закани со излегување од Владата, поради тоа што ДИК прифати приговор на ДУИ за Желино. Ниту одлуката на Управниот суд, со која, практично, стана неважечки приговорот на ДУИ, не го премисли Хоџа во намерата Беса да гласа за уривање на Владата, односно, како што велеше, за дефакторизирање на ДУИ.
За сето тоа време, додека Хоџа преговараше со опозицијата, Касами се воздржуваше од коментари за односите со СДСМ, слично како што молчеа и тројцата пратеници на Беса. Се до денеска, кога Басри Бајрами и Фадил Зендели се појавија во собраниската сала на седницата за (не)доверба на Владата, додека Реџепи објави дека нема да присуствува , со што опозицијата остана со еден глас помалку од потребните 61 за евентуално уривање на Владата.
Инаку, Реџепи беше најупорниот поддржувач на измените на Законот за лични карти што го предложи неговата партија, а кој предвидуваше во овие документи да може да стои и етничката припадност на граѓаните. Стануваше збор за предлог-закон што Заев го договори со Беса уште во минатиот собраниски состав, кога Касами беше во опозиција, ама даде поддршка за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор. Сепак, тој закон не стигна ни до расправа на собраниска седница, затоа што Левица го блокираше со илјадници амандмани, слично, како што го оспоруваше и законот за државјанство, што го поднесоа Алијанса/Алтернатива.