„Пречките за доверување мандат за состав на Влада на Република Македонија се отстранети“- кажа Претседателот Ѓорге Иванов кога го доделуваше мандатот на Зоран Заев на 17.05.2017 г.
Овој настан, за многумина, го означи крајот на речиси тригодишната политичка криза во Македонија.
За други, тоа е крај и на речиси 11 годишното владеење на претходната гарнитура.
Но, дали наместо за крај, веднаш треба да се зборува за почеток
„Реформите се исклучително тешки и очекувањата се многу големи. Во краток период се сомневам дека дел од тие очекувања Владата ќе може да ги оствари“- прогнозира комуникологот Марко Трошановски.
Мандатарот Зоран Заев веќе шести ден е во официјални преговори за состав на новата Влада. Домашната и меѓународната јавност очекуваат процесот да заврши брзо и успешно.
Очекувања имаат и политичките противници – дека новата власт нема да ја загрози унитарноста на државата.
„Доколку измрда, доколку тргне кон друг пат, различен од оној за кој вчера даде гаранции и ветувања ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира, ќе реагира жестоко, во склад на демократските можности и ќе се спротивстави. А верувам дека тоа и сите други ќе го направат.“- предупреди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 18.05.2017 г.
Во првите неколку дена од преговорите за формирање на нова влада, јавноста е фокусирана на неколку прашања како- кои ќе бидат нови функционери, какви се очекувањата на домашната политичка јавност, какви се очекувањата на меѓународната јавност. И ние решивме да поразговараме за очекувањата, но со обичните граѓани и тоа со оние коишто гласаа за промени.
„Бит пазар“ не е место кое често го посетуваат политичари. Но, тоа не значи дека меѓу тезгите се зборува само за трговија.
„Бевме во многу, многу лоша ситуација, катастрофална ситуација, луѓето немаа леб да јадат. Населението повеќе е без работа отколку со работа.“ – вели Фатбарда Шабани, продавачка на пазар
Пазарот 20 години е извор на егзистенција за нејзиното седумчлено семејство. Секоја криза и е удар по џебот, па посакува стабилност.
„Повеќе фабрики нека отворат, младите да ги вработат, тоа е најважно. Да биде постабилна ситуацијата, народот нека биде послободен, посигурен. Пред се младите бидејќи нашето време помина, младите да бидат посигурни.“- додава Шабани
Истиот ден, но пред Владата, славеше група, пред се млади луѓе.
Меѓу „Шарените револуционери“, кои одиграа голема улога во падот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа попладне беше и Ангела Илиевска. По две години поминати на протести, оваа активистка со диплома од политички науки, има големи очекувања.
„Очекувам дека ќе има добри кадровски решенија. Посебно на местата како што се министерството за внатрешни работи, министерството за правда и министерството за финансии. Исто така и за министерството за култура. Сметам дека тие се институции кои се највеќе заробени од поранешниот режим. Побрз влез во ЕУ и НАТО. Прекинување на вработувањата со партиски книшки. Вработување само според стручноста.“- изјави Ангела Илиевска.
Трајче веќе го завршил својот работен век, во некогашниот гигант „Охис“.
„Како пензионер сум задоволен, мислам задоволен, пензијата ми е нормална, но да биде подобро за се, за сите граѓани. Без разлика, да биде подобро.“- вели Трајче Василев
Но, мирниот пензионерски живот, не значи дека брзо ќе заборави – зошто и тој посакувал промени.
„Има многу работи, школство, здравство. Здравството е катастрофа. Има многу работи. Мислам така во кратки црти, некако здравството треба да биде прво, оти се што одиме сега се плаќа. Да речеме, нешто плаќаш, нешто не плаќаш ама повеќе оди да се плаќа. Сега зависи сега, кој што како.“- додава Василев.
Што би требало да биде приоритет на новата Влада во првите два месеца е прашање кои им беше поставено на уште 1000 граѓани, за потребите на анкетата на ИРИ. Петте најчести одговори се: отворање работни места, завршување на политичката криза, раст на економијата, повисоки плати и борба против корупцијата.
Анкетата на ИРИ вели и дека за само 3% од населението прв приоритет треба да бидат правата на Албанците и дека, исто така, само 3% од населението во земјава смета дека прв приоритет треба да биде отфрлањето на декларацијата или платформата на политичките партии на Албанците во Македонија. Во превод, овие проценти значат дека оние прашања што го окупираа јавниот простор, им биле поважни на политичарите отколку на граѓаните. Што ќе прави новата влада за граѓаните, за нивните барања, најдобро може да се види во еден документ којшто остана во сенка. Се вика предлог-програма на новата Влада.
Според таа програма, новата Влада вели дека прво ќе се зафати токму со економските проблеми и животниот стандард.
Драган Тевдовски е прв човек на Комисијата за економија на СДСМ, а според шпекулациите и најсериозен кандидат за министер за финансии.
„Јас знам дека ќе биде ужасно тешка борба за да се донесе во нормала земјата и да тргне во позитивна насока.“- вели Драган Тевдовски
А позитивната насока ветена во програмата значи десетици милиони евра повеќе за субвенции, за патишта, за мерки за вработување, за поддршка на фирмите.
360 Степени: „Очекувањата во јавноста којашто сакаше промени се многу високи. Дали го чувствувате тој притисок и како ќе ги адресирате тие барања и очекувања?“
Драган Тевдовски: „Нашиот прв приоритет ќе биде да обезбедиме целосна и дури до некаде радикална транспарентност во јавните трошења. Вториот приоритет, којшто е многу поврзан со ова, ќе биде да се добие една реална слика, реална претстава за состојбата во јавните финансии. Тоа ќе значи, една од задачите тука ќе биде да се види колку се оние преземени, а неплатени обврски. На почетокот приоритет ќе биде да се ослободи деловната или бизнис климата. Ние мислиме дека Македонија, односно домашните претпријатија мора да бидат ослободени од оние стеги политички, закани, притисоци и казни. Тие мора да се ослободат за да можат да почнат да водат бизнис и да почне економијата да се движи.“
360 Степени: Ветувате зголемување на поголем број на трансфери кон граѓаните и кон фирмите од Буџетот. Од каде ќе ги најдете тие пари?
Драган Тевдовски: „Наша јасна определба е Македонија да започне прво со фискална консолидација. Фискална консолидација значи дека од една страна ќе бидат скратени оние непродуктивни или неефикасни трошења коишто изобилуваат сите овие години наназад. Тоа значи дека ќе треба пример да се стави ред во некои буџетски ставки кои беа тотално нетранспарентни како на пример договорните услуги. Исто така да се постават … подобра регулација на јавните набавки. Од друга страна, ние и во програмата и во програмските документи се залагаме за зголемување на јавните инвестиции во патишта и во образованието и во здравството, бидејќи тие се од една страна и темел на општеството но и чинат основи на економскиот развој. Ние мислиме дека Македонија може да тргне напред и сега кога го зборувам ова за фискалната консолидација мора да биде јасно дека ние не ја гледаме, посебно во момент како што е сега од некоја економска апатија, не може да се излезе со кратење на вкупната големина на Буџетот, туку повеќе ја гледаме како рационализација и зголемување на ефикасноста внатре во Буџетот што е мислам многу важно како суштина.“
Тевдовски стои зад сите економски ветувања дадени во програмата. За динамиката, претпочита да ја утврди и соопшти новата Влада.
Таа динамика, според комуникологот Марко Трошановски, нема да зависи само од новата Влада.
„Стапицата е доколку ВМРО одлучи да го продолжи наративот, приказната со разнебитување на Македонија и силен фокус, акцент на национализмот, етничкиот национализам. Тоа нужно кај новата Влада ќе предизвика потреба таа да реагира на таа реторика што на некој начин ја ограничува во маневрите бидејќи ќе биде заложник на гласовите коишто ги губи кај изманипулираните гласачи, коишто се изманипулирани на тема национализам.“- прогнозира Марко Трошановски
Со оглед на сите услови, тој не гледа простор за маневар.
„Патот е единствено во политики, односно во пракса, која што ќе ја има новата влада а ќе докаже дека постои одговорност, отчетност, транспарентност, владеење на правото. И пред се треба да покажат дека клиентилистичкиот однос во општеството коешто стана еден начин на култура, еден ментален склоп на функционирање на сите системски слоеви е нешто со што оваа влада решила да се раскрсти.“- додаде Трошановски
Но, дали граѓаните ќе имаат трпение и разбирање?
„Сигурно дека ќе им дадам како индивидуа рок од тие првични 100 дена од Владата, но потоа за половина година, половина година до година сакам да ги видам првите ефекти од таа влада. Мислам дека ги чека огромна работа и оваа влада сметам дека ќе биде најнепопуларнаа влада. Зошто тоа го сметам, затоа што оваа влада треба да ги носи најтешките одлуки во наредниот период.“- вели Ангела Илиевска.
„Ќе успее само треба да одмине некое време. Преку ноќ ништо не се прави, треба да помине некое време. Сега, колку ќе биде тоа време тоа е друга работа, не можеме да го прецизираме времето.“ – изјави пензионерот Трајче Василев.
„Господ да му даде здравје пред се. Верувам ќе мисли за народот, како што ние мислевме за него така и тој треба да мисли за нас. Да даде Господ Заев каде и да оди, да мисли повеќе за народот, да бидеме заедно, не мора да бидеме поделени Македонци, Албанци. Сите сме рамноправни, да живееме заедно, да бидеше секогаш рамноправни и да нема разлики Албанци, Македонци, сите треба да бидеме рамноправни. Се надевам дека Заев ќе ни помогне.“- вели продавачката Фатбарда Шабани.
„Во нашиот случај темелните реформи, ќе им треба малку повеќе време и мислам дека ќе траат малку подолго од оној период којшто обичниот граѓанин би имал трпение.“- сумираше комуникологот Марко Трошановски.
Барем оние кои сакаа промени, се чини изгледаат подготвени да почекаат подолго. Но, не и бесконечно.