Љупчо Пренџов од ГРОМ и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, ќе ги заменат поранешните спикер и технички премиер Трајко Вељаноски и Емил Димитриев на чело на комисиите за надзор над АНБ, АР и за надзор на мерките за следење на комуникациите…
Со Комисијата за здравство ќе претседава Арбен Зибери од ДУИ, поранешен директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, кого министерот за здравство Венко Филипче го разреши од функцијата, а тие двајцата сега повторно ќе бидат упатени на потесна соработка
Во парламентот денеска почна седницата на единствената избрана Комисија за избори и именувања, која треба да ги утврди предлозите за нови претседатели и членови на другите собраниски тела.
Во изминатите денови парламентарните политички партии постигнаа договор за распределба на претседателските места во комисиите.
ВМРО-ДПМНЕ, согласно собранискиот Деловник, кој предвидува опозицијата да претседава со надзорните комисии, по автоматизам ги доби комисиите за финансирање и буџет и за надзор на Агенцијата за безбедност и на Агенцијата за разузнавање, како и за надзор на мерките за следење на комуникациите.
Опозицијата треба да има и претседател на Националниот совет за европски прашања, кој се формира преку парламентот. Овој Совет досега го водеше Никола Попоски, поранешниот шеф на дипломатијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој не е избран повторно за пратеник. На неговото место, во овој собраниски состав, според најавите, се очекува да дојде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Според предлог-листата по која расправа Комисијата за избори и именувања, со Комисијата за финансирање и буџет, во овој собраниски состав, ќе претседава Тимчо Муцунски, кој инаку е меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа Комисија, во претходниот состав, ја водеше неговата сопартијка Лилјана Кузмановска.
Претседател на Комисијата за надзор на АНБ и на АР ќе биде Љупчо Пренџов од ГРОМ, наместо Трајко Вељаноски. На чело на другата надзорна комисија за мерките за следење на комуникациите доаѓа Игор Јанушев, наместо Емил Димитриев.
Антонио Милошоски останува на чело на Комисијата за надворешна политика, додека Владо Мисајловски ќе ја води Комисијата за транспорт и врски, каде што претседателка во претходниот состав беше Лилјана Затуроска.
Долгогодишната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, ја доби Комисијата за локална самоуправа, а претседателката на Унијата на жени на оваа партија Благица Ласовска – Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените.
Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, како партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ќе претседава со Комисијата за земјоделство.
Талат Џафери, како претседател на парламентот, повторно ќе ја води Комисијата за уставни прашања, додека Комисијата за европски прашања му припадна на неговиот сопартиец Арбер Адеми, доскорешен министер за образование.
Со Комисијата за здравство, што во претходниот ја водеше Јагода Шахпаска, ќе претседава Арбен Зибери од ДУИ, поранешен директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, кого министерот за здравство Венко Филипче го разреши од функцијата, а тие двајцата сега повторно ќе бидат упатени на соработка.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, СДСМ му ја отстапи на Панчо Минов, кој се декларира како независен пратеник.
За претседател на Комисија за труд и социјална политика е предложен Хусни Исмаили (алтернатива), додека Кастриот Реџепи (Беса) ќе ја води Комисијата за култура, а Халил Снопче (Алијанса за Албанците) Анкетната комисија за заштита на правата на граѓаните.
Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој се споменуваше како можен нов генерален секретар на Владата, е предложен за претседател на Комисијата за економски прашања. Пратеничката група на СДСМ ги доби и Законодавно-правната комисија (Снежана Калевска Ванчева) и комисиите за одбрана (Миле Талески), за политички систем (Соња Мираковска), за образование (Жаклина Лазаревска).