Од Коалицијата „Сите за правично судење“ апелираат до Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување, да ги прифати демократските принципи на добро владеење, да најде начин како да се справува и да се носи со јавните критики кои често се основани, како и да започне да ги извршува своите надлежности со должно внимание и свесност за далекосежните последици кои тие може да ги имаат за целокупниот правен поредок

Коалицијата „Сите за правично судење“ ја искажува својата загриженост во врска со одредбите во етичкиот кодекс на јавните обвинители, особено од аспект на тоа дека тој предвидува исклучително голем број забрани за јавните обвинители за коментирање на случаите по кои постапуваат, но и забрана во јавност да ги коментираат одлуките на начинот на постапување на Советот на јавните обвинители и јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
„Ваквите одредби во Етичкиот кодекс одат во целосна спротивност на начелата на транспарентно и отчетно постапување кои исто така се опфатени и со Законот за јавното обвинителство, како и се спротивни на должноста на јавните обвинители да ги применуваат начелата на добро управување. Ова е особено битно доколку се земе предвид дека токму јавните обвинители се тие кои ги избираат членовите на Советот на јавните обвинители. Јавното постапување, транспарентноста и отчетноста согласно демократските принципи и стандарди на добро владеење, меѓу другото значи дека одлуките и мислењата на кој било орган можат да бидат предмет на дискусија од страна на секој граѓанин, а со тоа и јавноста да може да понуди и гледишта различни од оние кои се заземени од страна на институцијата или органот. Во спротивно, не може да се избегне впечатокот дека ваквите забрани се само обид на Советот да ги потчини јавните обвинители и да оневозможи каква било критика од своите сопствени конституенти“,
се вели во соопштението испратено од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Од Коалицијата, се додава во соопштението, велат дека загрижува тоа што Советот на јавните обвинители цели четири години не е запознаен со тоа дали определени јавни обвинители одат на работа или не, односно дали воопшто имаат земено предмети во работа и постапуваат по истите.
„Особено со оглед што во членот 9 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, таксативно се наведени надлежностите на Советот, па меѓудругото е предвидено и тоа Советот да ги разгледува и оценува годишните извештаи на јавните обвинителства, што пак значи дека Советот во изминатите неколку години ги разгледувал и оценувал и извештаите кои се однесуваат на работата на јавните обвинителства во кои што јавнообвинителска функција извршуваат и овие јавни обвинители“,
се додава во соопштението од Коалицијата.
Дополнително, додаваат оттаму, еден од обвинителите за кои стана збор е воедно и јавен обвинител задолжен за канцеларијата за врски со Европравда, па така овој обвинител изготвува и посебни извештаи за работата како обвинител во канцеларијата за врски, во кои извештаи е нотирано дека јавниот обвинител користи посебни канцеларии, надвор од зградата на матичното јавно обвинителство.
„Во оваа насока, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има донесено и посебни одлуки со кои на споменатите обвинители им се даваат задолженија и обврски кои се однесуваат на грижа за материјалите, инвентарот и просториите кои ги користеше поранешното Специјално јавно обвинителство. Оттука е навистина нејасно како Советот за цел овој временски период, не бил запознаен со ваквата состојба и оправдано се покренува прашање за должното внимание со кое членовите на Советот ги извршуваат своите надлежности. Со други зборови, е информираноста за определена состојба, во ситуација кога субјектите можеле и биле должни да ги знаат состојбите, не може да се смета дека е оправдување и дека истите ги иззема од одговорност“,
се додава во соопштението од „Сите за правично судење“.
Оттаму велат дека со жалење може да констатираат дека овие одредби, не само што не се променети туку тие веќе започнуваат да се применуваат во практиката, па така Советот веќе иницираше постапка против обвинител поради јавно изнесени критики за функционирањето на Советот. Притоа, додаваат од Коалицијата, со ова коинцидира и фактот што етичкиот кодекс со спорните одредби беше донесен во 2021 година, само еден месец откако јавниот обвинител против кого сега е поведена постапка пред етичкиот совет и тогаш јавно го критикуваше постапувањето на Советот на јавните обвинители.
„Загрижува и фактот што изнесените ставови на Советот при интервјуто на претседателот на Советот се во насока дека јавниот обвинител мора да има докази за незаконско постапување од страна на член на Советот или Советот во целина за да може да изнесе јавни критики. Тука би сакале да потенцираме дека доколку јавен обвинител има докази за незаконско постапување, истиот е должен да отвори кривична постапка, а не да покрене јавна дискусија. Оттука, јавните дискусии за одредени прашања се начин како да се зајакне одговорно, отчетно и доследно постапување и почитување на стандардите за добро владеење и правна сигурност од страна на кој било орган, институција, или пак избрано или именувано лице“,
велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ апелираат до Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување, да ги прифати демократските принципи на добро владеење, да најде начин како да се справува и да се носи со јавните критики кои често се основани, како и да започне да ги извршува своите надлежности со должно внимание и свесност за далекосежните последици кои тие може да ги имаат за целокупниот правен поредок.